Потребна е итна трансформација на целиот систем за управување со кризи вклучително и на системот за гаснење на пожари како составен дел на целиот систем за управување со кризи, вели директорот на Ценатрот за управување со кризи Стојанче Ангелов.
-Јас во многу мои интервјуа последните три години, кажувам дека е потребно да се формира нова институција која што ќе ги обедини функциите на двете постоечки – Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Ние на некои места благо се преклопуваме во нашите надлежности, а одредени простори се празни. Тие треба да ги пополни Дирекцијата за заштита и спасување но, во реалноста тоа не постои. Ние имаме се, само немаме луѓе кои ќе излезат на терен да завршат работа зборувам во делот на кризниот менаџмент. Мојот став е дека составен дел на новата институција која ќе ги обедини функциите на двете постоечки е формирање на специјална единица за заштита и спасување – вели Ангелов во интервју за Радио слободна Европа.
Прашан за НИКС системот – дигитална мапа за статус на пожарите, Ангелов вели дека проектот бил поддржан од НАТО, како надворешен проект, но оти има една голема фалинка, а тоа е дека не е алатка која што во овој момент може да биде употребена.
– Се работи за систем кој не може да профункционира, немаме капацитет. И јас сакам да се натпреварувам на Олимпијада, но, не можам. Значи, не ги исполнуваме условите. Ние во Центарот за управување со кризи работиме на чкрги. И овде јас работам со десетина луѓе, сите операции, покривам по една област со по еден човек, не дај Боже, некој да се разболи, имам незаменливи луѓе, а добар дел од луѓето се апсолютно неупотребливи, односно по некој пат ставаме во функција некој вработен – ќе ни направи дополнителна штета и потоа треба двајца да ја поправат таа штета. Оваа институција била користена за вработување на партиски кадри, дел од нив кои што не можеле да ги сместат на друго место – вели директорот на ЦУК.
Според него, во ЦУК има добри кадри кои што се преминати од Армијата, но, за жал, вели, тие полека заминуваат во пензија, воедно потенцирајќи дека над 50 отсто од раководните кадри во Центарот се со несоодветно образование.
-Има една група од воена Академија која што за нивна несреќа завршила директно во ЦУК, ги најдов малтене во подрум, затоа што беа на најниските почетни позиции. Ги унапредив сите, сите до еден ги ставив во функција. И уште неколку квалитетни луѓе. Ако овде направиме анализа на раководителите, повеќе од 51 отсто имат завршено македонски јазик или Педагошка академија. Но, се плашам дека 70 отсто од раководителите имат македонски јазик и педагошка академија. Кога некој се одлучил да студира македонски јазик или албански јазик или педагошка академија, тој имал голема желба да биде јазичар. И во меѓувреме сфатил дека тој сака да работи кризен менаџмент и наеднаш станува експерт за кризен менеџмент. Па тогаш, зашто постои Воена академија – вели директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.
Владата на средината од месецов донесе одлука за реформа на системот за управување со кризи преку спојување на Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи што ќе придонесе кон поефикасен кризен менаџмент во иднина.