Во осминафиналето напролет ќе играат Ајакс, Атлетико, Барселона, Баерн, Борусија, Јувентус, Манчестер с., Манчестер ј., Порто, Реал, Рома и Шалке. За уште четири места ќе се тркаат Интер, Тотенхем, Наполи, Ливерпул, ПСЖ, Лион и Шахтар

Познати се 12 екипи, кои пред последното шесто коло обезбедија пласман во нокаут-фазата во Лигата на шампионите (ЛШ) во фудбал. Тоа се Ајакс, Атлетико, Барселона, Баерн, Борусија Д., Јувентус, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Порто, Реал, Рома и Шалке. Од нив во ждрепката како првопласирани ќе влезат Барселона, Порто и Реал, а како второпласирани Шалке и Рома. Шанси да го фатат последниот воз имаат уште седум екипи: Интер, Тотенхем, Наполи, Ливерпул, ПСЖ, Лион и Шахтар.

Во минатата сезона во однос на претходната имаше осум нови тима меѓу осминафиналистите (Тотенхем, Базел, Шахтер, Челси, Ливерпул, Манчестер јунајтед, Рома и Бешикташ), една сезона пред тоа седум (Порто, Баер, Севилја, Монако, Наполи, Борусија Д. и Лестер), сезонава засега се четири (Ајакс, Атлетико, Борусија Д. и Шалке), а најмногу можат да бидат седум (Интер, Наполи и Лион).

Барселона 12-та сезона во низа, 17-та вкупно, е меѓу 16-те најдобри во ЛШ, најмногу благодарение на Лионел Меси, кој го постигна првиот и асистира за вториот гол (Жерар Пике) во победата кај ПСВ. За Меси тоа беше 106-ти гол во ЛШ, рекорден за еден тим, надминувајќи го Кристијано Роналдо (105 гола за Реал, вкупно 121, од тоа уште 15 за Манчестер јунајтед и еден за Јувентус). За Меси ова беше 15-ти гол сезонава во сите конкуренции (шест во ЛШ) или 13-та сезона по ред во која постигнува барем 15 гола.

Атлетико го завери својот пласман во нокаут-фазата со триумфот над Монако со 2-0, дома. Антоан Гризман го постигна 11-от гол на 11-те последни натпревари дома во ЛШ, а голот на Коке во 86-та секунда од мечот беше најбрз во клупската историја на Атлетико. Радамел Фалкао, поранешен играч на Атлетико, сега во Монако, не реализира пенал, на 50-от настап во ЛШ.

ПСЖ оствари вредна победа над Ливерпул во Париз (2-1) што може да значи и пласман во следната фаза. 


Први стартери во ЛШ родени во 21 век

Монако, чиј тренер од неодамна е Тиери Анри, кој, пак, кариерата ја почна токму во овој клуб (под водство на Арсен Венгер) во првиот тим на дуелот со Атлетико во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ) во средата имаше четворица тинејџери. Тоа беа Беноа Бадијашил (17), Ха-Ноа Масенго (17), Жулијан Бјанконе (18) и Муса Сила (19). Бадијашил и Масенго се првите стартери (фудбалери што го почнуваат мечот, а не влегуваат од клупата за резервни играчи) во ЛШ родени во 21 век.