Во Центарот за култура во Крива Паланка е отворена изложбата „Мантра на љубовта“ на сликарката Маја Андонова Јокиќ. На изложбата се поставени уметнички дела, од кои најголем дел се создадени за време на карантинот за време на пандемијата на ковид-19, а секое дело го бои моментот на животот, ги буди тајните и ги поместуваа границите на личното ослободување. Авторката по вторпат го претставува своето творештво во Крива Паланка.
– На претходната изложба имав многу убав прием и по покана од Центарот на култура со задоволство прифатив повторно да го претставам моето творештво овде. Едноставно, има некоја смиреност и различност, за разлика од главниот град, каде што сѐ е доста енергично и набиено. Публиката покажа интерес за уметноста и разговаравме за изложбата, од што се гледа дека им требаат вакви настани што ќе го збогатат културното лето – вели авторката.
Андонова Јокиќ е родена во Скопје, а дипломирала на Економскиот факултет. Покрај професијата, посветена е на создавање уметнички дела и водење работилници за деца и возрасни, со цел да се направат промени во општеството. Таа, наедно, е и трагач по одговори за човековата душа, вљубеничка е во јогата, изгрејсонцата, облаците и зајдисонцата.
Организатор на изложбата е Центарот за култура, а се реализира во рамките на манифестацијата „Крива Паланка – град на културата“.