Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во совршенството треба да се ужива. И сѐ почнува со бербата на винското грозје, а се финализира со совршена голтка вино. И сето ова е на дофат на раката на секој добронамерник што би сакал да ги направи и првите чекори во винската култура и неформалната дегустација што ги организира винарницата „Стоби“. А дегустацијата едноставно си води кон гастрономската култура чиј центар како да е предодреден да биде ресторанот на винарницата „Стоби“

Магијата на винарницата „Стоби“

На само осумдесет километри од Скопје, каде што континенталното сонце ги гали непрегледните насади со винова лоза, чека да биде откриена најдобро чуваната тајна на винскиот занает во Тиквешијата – и тоа во винарницата „Стоби“: магијата на создавањето висококвалитетно вино. Деновиве само што започна бербата на винско грозје во „Стоби“, а со тоа почна и годинашното производство на врвни вина на винарницата. Токму на местото каде што се сплотуваат Медитеранот и континенталните предели на Балканот, укотвено крај митските реки Аксиос и Еригон, местото по кое во дамнина чекореле македонската фаланга, римски легии, витези крстоносци, отомански освојувачи и неброени армии, денес е центар во кој два света, стариот и новиот, создаваат магија. Магија на виното на „Стоби“, која се открива и низ раскажувањето на историската приказна милениуми наназад…

Со бербата на винско грозје во „Стоби“ почна и годинашното производство на врвни вина на винарницата / Фото: Маја Јаневска-Илиева

ПАТУВАЊЕ ШТО ГИ ДРАЗНИ И СЕТИЛАТА И ДУШАТА

Винарницата „Стоби“ е најмодерно конципирана македонска винарница отворена во 2009 година, лоцирана во општината Градско, веднаш до античкиот локалитет Стоби, од каде што го добива и своето име. „Стоби“ ги обединува минатото и сегашноста, развивајќи ја традицијата за генерациите што доаѓаат. Мешавина од богати културни вредности и заедничка љубов за создавање прекрасно вино се спојуваат во совршена хармонија со современата технологија и методи.
Духот на винарницата ве води на едно патување што ги дразни и сетилата и душата. Патување од кантаросите за вино во кое уживале жителите на Стоби, преку мешините во кои земскиот нектар патувал до античките метрополи, па до модерните инокси и софистицираните дабови буриња во кои денес виното се произведува, зрее и се облагородува.
Спојот на традиционалната вештина со современата технологија на „Стоби“ е направен во ултрамодерно здание, урбано и реминисцентно на архитектонските чуда на Ле Корбизје.
Таму вратите ширум се отворени за да се научи нешто повеќе за историјата на овој вински регион, за процесот на производство на вино, за уживањето во него и комбинирањето со различни видови храна. Таму секому му е дозволено да си направи своја приказна.

МАРИФЕТОТ почнува со бербата на винското грозје

Нашата македонска винска приказна почнува пред портите на винарницата „Стоби“. Винарницата го произведува своето вино од сопствените лозови насади, во близината на винарницата. Токму деновиве беше направен првиот годинашен чекор на новата реколта. Имено, бербата започна и со тоа се влезе во светот на мајсторите над мајсторите на виното.
– Начујте ги тајните на паунот од Стоби, скриени во лавиринтските ходници. Меѓу дабовите буриња станувате дел од светот на модерниот вински туризам. Тука, во Стоби, не прифаќајте ништо помалку од совршенство – порачуваат од винарницата.
А во совршенството треба да се ужива.
Нема подобар начин да се запознаете со виното и со историјата на овој регион од посетата на „Стоби“. Низ тајните на марифетот со кој се споени модерната винска технологија и традицијата на одгледување и пиење вино во овој регион ќе ве однесат стручни водичи, кои со леснотија ќе ве пренесат од основните на винската култура до уживањето во кулинарските ремек-дела на готвачите од винарницата, секогаш непредвидливи за изненадување со традиционални македонски деликатеси или специјалитети од меѓународната кујна.
Годинава, на тој пат е направен првиот чекор. Бербата. Дојдете во „Стоби“, а винарницата ќе ви овозможи патување низ винската магија и ќе бидете побогати за едно искуство, кое останува за навек. Е.Р.