Со претставите „Два квадратни метри“ од Унгарија и „Воздух“ од Словачка заврши 13-то издание на фестивалот „Битолино“. Битолската публика уживаше во претставите од годинешното издание на фестивалот, кое годинава се одвиваше под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“. Гран прито отиде за претставата „Големото езеро“ од Португалија, во продукција на „Имагинар до Гиганте“.
Стручното жири беше во состав: претседател Милан Пајиќ, дипломиран актер од Србија, и режисерите Драгана Милошевски-Попова и Благојче Божиновски.
– Претставата ги содржи сите елементи и ги исполнува сите критериуми на современиот театар за деца. Уникатно возбудлива, разиграна, со комбинација на театар на сенки и објекти, но и драматургија, која испраќа силна порака, важна и суштинска, која нѐ опоменува и нѐ потсетува на одговорноста што ја имаме преку интеракција и совршена комуникација со публиката. Жирито ја донесе одлуката едногласно – истакна во образложението претседателот на комисијата Пајиќ.
Претставата од Португалија на публиката ѝ понуди фантастична визуализација на многу актуелна тема. На Северниот Пол, боите се здружуваат на небото формирајќи огромно бело ќебе… Врз основа на приказната за семејство на поларни мечки, португалскиот театар ѝ претстави на публиката уметничко дело за животната средина, со манипулација со предмети, кукли и проектирани сенки.
– „Имагинар до Гиганте“ е креативна структура што обезбедува услуги од областа на уметноста и културата. Изведувачките уметности, современи дела за деца и издаваштво на книги за читање се главните области на активност на овој театар. Нивната примарна работа е да истражуваат нови креативни процеси, од текстови до нови слики, во областа на театарската естетика за деца. Креативците во овој театар веруваат во детската уметничка лабораторија и во потрагата по уметничка естетика што може да се осврне на основите на слободата, на нашето најголемо богатство имагинација. Проучувањето на новите естетски, еколошки и технолошки модалитети, хибридни и извонредни, може да го трансформира она што го нарекуваме дете на иднината – истакна комисијата.
Тимот во овој проект работеше со деца на различни локации во Португалија, Саун Томе и Принсип, Мали, Гвинеја-Бисао, Мозамбик и други земји. Тие со својата работа придонесуваат за подобрување на уметничкото образование и системот за обука за театар, како и зближување на децата од современите изведувачки уметности.
– Годинава за време на фестивалот во Битола се одржа и театарската работилница со наслов „Приказна во движење“, под раководство на пантомимичарот и режисер за пантомима Војо Цветановски, со што „Битолино“ ја продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театарот и преку говорот на телото, без употреба на зборови, ќе ги доближи децата до процесот на создавање еден лик и една театарска претстава за деца воопшто – велат организаторите.
Фестивалот се одржа на сцената на Центарот за култура во Битола, а некои од настаните надвор од натпреварувачката конкуренција беа на сцената на Народниот театар од Битола. „Битолино“ е во организација на „Бабец театар“, во рамките на програмата на „Битфест“.