Сајбер-катче: Пет нешта што не смеете да ги објавувате на социјалните мрежи
Сигурно веќе наголемо на социјалните мрежи разменувате интересни фотографии со своите другари, некои ваши размислувања, песни и спотови што ви се допаѓаат. Но проблемот настанува кога објавуваме некои важни фотографии или податоци, со кои во буквална смисла се доведуваме во опасност, а за тоа најчесто не сме ни свесни.
Да, социјалните мрежи се забавни, но за да остане така, прочитајте кои пет работи не смеете или не би требало да ги објавувате.
1. Датум на раѓање
Убаво е да се добијат еден куп виртуелни честитки за роденден, но можеби е попаметно да се скрие датумот на раѓање од љубопитните погледи. Благодарение на интернет, крадците на идентитети лесно доаѓаат до нашите податоци, па тоа не треба уште повеќе да им се олеснува.
2. Локација
Доколку меѓу виртуелните имате непознати луѓе, бидете претпазливи пред да ја откриете својата локација. Ако се пријавувате дека сте во друг град со семејството, некому можете да му сервирате информација дека не сте дома, а тоа е идеална шанса за дежурните крадци, кои особено се активни за време на летниот и на зимскиот распуст.
3. Фотографии од деца
Иако ниту тинејџерите не треба да претеруваат со објавување свои фотографии на социјалните мрежи, тоа никако не треба да го прават со поставување слики на своите помали браќа и сестри. Докажано е повеќепати дека интернетот не е баш безбедно место, бидејќи таму демнат луѓе со секакви намери, кои можат да ги злоупотребат токму овие фотографии.
4. Адресата и бројот на телефонот
Можеби нема да се случи ништо лошо ако ја споделите својата адреса, за телефонски број не сме сигурни, но не треба да ризикувате. Дали е навистина неопходно сите да ги знаат овие информации? Размислете, што ако тие завршат кај погрешна личност?
5. Лични провокативни фотографии
Пред да објавите некоја ваша фотографија, која не е баш вообичаена, најпрво прашајте се, што би рекле на тоа вашите родители, наставниците или роднините? Пред да направите нешто добро размислете, затоа што врз основа на она што го објавувате вие создавате (погрешен) впечаток кај другите.