Фото: „Нова Македонија“

Почетокот на годинашниве предизвици за справување со пожарите наметна прогласување кризна состојба, но и планови за трансформација на целиот систем за управување со кризи. Трансформацијата практично требаше да се одвива во движење, со оглед на констатираните слабости во синџирот на комуникација и командување во првиот налет на огнената стихија

И системот за справување со кризи бара длабоки реформи со утврдување долгорочна стратегија

Речиси од почетокот на летото, пожарите во Македонија претставуваат континуиран предизвик од безбедносен карактер, на кој се изложени животите на граѓаните, но и нивните имоти, како и државниот имот, на што како последица се надоврзуваат штетите – од економски до еколошки вид. По привидното стивнување на огнената стихија од средината на јули на различни локалитети низ земјата (најдолготрајно и најкритично беше на планината Серта), кон крајот на месецот повторно пламнаа пожарите, овој пат главно сконцентрирани во Источна Македонија.
Почетокот на годинашниве предизвици за справување со пожарите наметна прогласување кризна состојба, но и планови за трансформација на целиот систем за управување со кризи. Трансформацијата практично требаше да се одвива во од, со оглед на констатираните слабости во синџирот на комуникација и командување во првиот налет на огнената стихија.

Потреба од поефикасен систем за справување со природни катастрофи

Интервентно беше формиран Управувачки комитет за справување со кризи, кој донесе одлука за реорганизација на целокупниот систем, односно Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) со законски измени да се интегрираат под една команда. Управувачкиот комитет за справување со кризи го сочинуваат: министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на ЦУК – Стојанче Ангелов, министрите за здравство, Арбен Таравари, за одбрана, Владо Мисајловски, и за земјоделство, Цветан Трипуновски, како и директорот на ЈП „Национални шуми“, Здравко Трајанов.
Министерот Тошковски посочи дека ЦУК и другите институции дејствуваат во рамките на нивните капацитети, но дека тоа е несоодветно и ненавремено за потребите, па затоа, според него, системот мора суштински да се реформира.
– Факт е дека треба да се реорганизираме суштински во насока на соодветна реакција за ваква кризна состојба. Се размислува во насока да се создаде едно тело во иднина што ќе ги има и капацитетите – материјални и човечки, за да одговори соодветно на вакви кризни состојби. Тоа би било едно од можните системски решенија – посочи Тошковски уште на првиот состанок на Управувачкиот комитет.

Едно тело за координација и командување во кризни состојби

Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, кој за цело време додека се активни пожарите е на терен, секогаш на најкризните точки, во неколку наврати изнесува и конкретни предлози за трансформација на целиот систем за управување со кризи. Еден од неговите првични предлози е спојување на Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување. Ангелов смета дека доколку се спојат ЦУК и ДЗС би се добила една функционална институција, но и специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе, за која вели дека би била мултифункционална. Оваа единица би била обучена летно време да гасне пожари и да спасува луѓе заглавени во вода или на планина, како и да вади луѓе од урнатини во случај на земјотрес. Според него, во двете институции моментално има превработеност на одредени позиции, а нема луѓе таму каде што се потребни. Негова оцена е дека земјава има добри ТППЕ, но тие не се недоволни за ваков обем и динамика на пожари.
– Тука ми беа мошне врзани рацете, затоа што затекнав таква состојба, во делот на вработувањата имав многу мала можност да извршам корекции. Во ЦУК сега има околу 300 вработени, а во ДЗС повеќе од 300, што е над 600 луѓе. Сметам дека со помалку луѓе би добиле нова функционална институција и плус специјална единица за заштита и спасување со 120 луѓе за почеток, која би била мултифункционална. Таквата единица би дала сосема нова димензија, затоа што детектираните слабости не може поинаку да се отстранат – ги изнесе Стојанче Ангелов своите согледувања и предлози за трансформација на системот за управување со кризи, произлезени од практично искуство.
Сепак, за трансформација на системот за управување со кризи, претходно се потребни и одредени законски измени. За почеток се планира носење нов закон за пожарникари. Се предвидува нов Закон за пожарникари. Министерот за одбрана Мисајловски изјави дека министерството ги разгледува сите предлози на работните групи што изминативе години работеле на изработка на нов Закон за пожарникарство и во најбрз можен рок ќе излезе со предлог до Владата. Министерот истакна и дека дел од платите на пожарникарите се обезбедуваат преку наменски дотации од буџетот на Министерството за одбрана, односно на ниво на држава 734 пожарникари се финансираат преку наменски дотации.

Ангажиран НАТО- механизмот, искористена помошта од ЕУ

Повторното разгорување на пожарите во Македонија, по едномесечно справување со нив, предизвика од Центарот за управување со кризи (ЦУК) да биде испратен предлог до Владата за вклучување во механизмите на НАТО за помош.
– На седница на Управувачкиот комитет донесовме одлука да ѝ предложиме на Владата да се ангажира и т.н. НАТО-механизам за помош, кој во суштина ги нуди истите работи како и механизмот на Европската Унија, но преку него можеме да бараме помош во пешадија, односно помош во искусни пожарникари. Во овој момент таква потреба немаме, но истата таа може да се појави во текот на денот. Во овој момент имаме доволен број пожарникари – изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, во деновите пред празнувањето на Илинден, кога беше вториот летен шпиц на пожарите.
Веќе претходно беше обезбедена и искористена меѓународната помош со ЕУ-механизмот на цивилна заштита: еден хеликоптер од Србија („агуста бел 212“), еден хеликоптер од Чешка („блек хок“) со капацитет на ведро од три тона, како и два „ер трактори“ (АТ802/2) од Германија… Во справувањето со пожарите летово во Македонија беше прифатена и искористена помош и од други земји од соседство, како – Турција, Хрватска, Романија, иако и овие земји се справуваа со пожари.


Предолг – комуникациски синџир за борба против пожарите

Уште при првиот налет на пожарите, летово, директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, за „Нова Македонија“ укажа кои организациски слабости во системот за справување со кризи создаваат пречки за навремено да се реагира на опасноста од пожари.
– Сите искуства од теренот ни укажуваат дека е потребна барем централизирана координација на активностите – конкретно за гаснење на пожарите. Според сегашната организација, противпожарните служби се во рамките на локалната самоуправа, во надлежност на општините, односно под команда на градоначалниците. Значи, доколку има пожар во една општина – треба да биде известен градоначалникот, па тој да даде налог за дејствување на пожарникарите. Ако се покаже дека бројноста на пожарникарите од таа општина не е доволен да се справи со пожарот, треба да се побара помош од соседните општини, со повторување на целата процедура во административната комуникација. Кога би имало едно тело за централизирана координација, кое ќе биде првично известено и ќе ги преземе организациско-командните активности со сите противпожарни служби на општините, би се добило скапоцено време при справувањето со стихиите. Порано противпожарната служба беше во рамките на МВР, но сега е под локалната самоуправа. Еве, и нека останат формациски овие служби како дел од општините, но многу поефикасно би се дејствувало кога би биле координирани од еден центар, едно централизирано координативно тело – го изложува за „Нова Македонија“ својот предлог, директорот на Центарот за управување со кризи – Стојанче Ангелов.


Самоорганизацијата на граѓаните за гаснење пожари не е секогаш вистинска помош

Со интензивирањето на вториот бран пожари во Македонија, на социјалните мрежи се појавија повици и иницијативи за самоорганизирање на граѓаните за помош при гаснењето на пожарите. Иако ваквите иницијативи се со добра намера и хуманистички мотивирани, сепак поголем е ризикот за штета доколку необучени граѓани се вклучат во справување со опасни ситуации како што се пожарите. Затоа, директорот на ЦУК испрати порака до граѓаните да не излегуваат со непотребни апели за собирање луѓе за да одат да помагаат во гаснењето на пожарите.
– Како држава имаме доволно припадници на армијата и на полицијата и ако тоа некаде го побараат локалните авторитети што командуваат со гаснењето на пожарите – градоначалниците, ние можеме да испратиме онолку војска или полиција колку што тие ќе побараат. Граѓаните не секаде можат да бидат од корист. Напротив, некаде можат да пречат во работењето на професионалните служби, на пожарникарите, војската, полицијата, на „Национални шуми“, на пожарникарите доброволци или на самите летала. Граѓаните можат да бидат корисни во одбрана на населените места кога огнот загрозува некое село или како во случајот, кога постоеше мала можност огнот да дојде до градот Пехчево. Во гаснењето на пожарите, граѓаните не треба да учествуваат, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири на територијалните противпожарни единици – порача директорот на ЦУК, Ангелов, со апел да не се создава непотребна паника.