Шеснаесетгодишниот пливач Никола Ѓуретановиќ, кој е најмладиот член на македонскиот олимписки тим, е првиот Македонец кој настапи на Олимписките игри во Париз. Тој денес учествуваше во квалификациите во трката на 400 метри слободно.
Ѓуретановиќ пливаше во група со четворица други, со време 4 минути пет секуни и 38 стотинки, речиси три секунди послабо од личниот рекорд. Тој стигна на целта за 3,79 секунди зад победникот Илијас Ел Фалаки од Мароко.
По натпреварот, Ѓуретановиќ изјави дека учеството на Олимпијадата е големо искуство за него и дека на следните големи натпреварувања ќе се прикаже во најдобро светло.
– Пред самата трка имав малку трема, моите години го направија своето, бев многу возбуден. Но, сепак ова е едно големо искуство за мене, секако дека ќе се прикажам во најдобро светло на следните големи натпреварувања – изјави младиот пливач за сајтот на Македонскиот олимписки комитет.
Следна од македонските натпреварувачи на ЛОИ 2024 е Анастасија Мојсовска која утре ќе се појави во дисциплината стрелаштво – 10 метри воздушна пушка.