Фото: Охридско лето

Програмата на 64. „Охридско лето“ вечерва продолжува со концерт на пијано-дуото Марија Ѓошевска и Славица Мицовска –Смилевска што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанистки во нашата земја. Дипломира,
магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на
истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов. Добитник е на повеќе награди и
признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на сите реномирани фестивали во Р.С. Македонија но и надвор од неа во: САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн. Настапува како солист со Филхармонијата на Р:С. Македонија, а значајни се и концертите со Симфонискиот оркестар во Дубровник, Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на „Охридско лето” соработувајќи со повеќе домашни и странски диригенти. Често настапува како камерен музичар и пијано соработник со истакнати инструменталисти. Ѓошевска е еден од македонските учесници во проектот „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и Р.С. Македонија.

Марија Ѓошевска е редовен професор и раководител на катедрата за клавишни инструменти и харфа и раководител на трет циклус – докторски студии за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје.
Славица Мицовска-Смилевска завршува основно и средно музичко училиште во МБУЦ „Илија Николовски -Луј”во Скопје, во класите на проф. Ј. Митревска и проф. М. Влаисављевиќ. Дипломира на одделот по пијано на Музичката академија во Софија, во класата на проф. Жени Захариева, каде и магистрира во 2004 година. Во 2019 година ги завршува докторските студии на ФМУ под менторство на професорката Захариева. Посетувала повеќе семинари кај истакнати професори и педагози. Учествувала на голем број натпревари на државно и меѓународно ниво, каде се стекнала со повеќе награди. Остварила концерти како солист, камерен изведувач и корепетитор во земјава, но во Бугарија, Грција, Србија. Австрија, Малезија, Франција.
Во моментот работи како редовен професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.