Оставка на францускиот премиер, Националниот парламент експресно на седница
Францускиот премиер Габриел Атал поднесе оставка. Но тој ќе остане на функцијата до именувањето на новата влада. Со овие две кратки констатации вчера се огласи францускиот претседателски кабинет.
Период на политички ќор-сокак
Овој редослед на настани дојде откако ниту еден политички блок не успеа да освои апсолутно мнозинство на неодамнешните парламентарни избори во Франција. Сега, веќе привремената влада на Атал ќе ги води секојдневните работи во втората по големина економија во ЕУ. Владата во оставка нема да може да поднесува нови закони до парламентот или да воведува некакви промени. Меѓутоа, треба да се спомене дека секако ќе има улога за непреченото одвивање на Летните олимписки игри, кои почнуваат на 26 јули. Овој период на политички ќор-сокак треба да им овозможи на партиите повеќе време да формираат владејачка коалиција.
За потсетување, по неодамнешните вонредни избори во Франција, Националното собрание остана без доминантен политички блок на власт за првпат во историјата на модерната француска република, а допрва треба да се формира коалициска влада меѓу сојузите или политичките партии. На изборите одржани на 7 јули, во Националното собрание најмногу места освои левичарската коалиција Нов народен фронт (НФП), која ги вклучува социјалистите, комунистите, зелените и тврдолевичарската партија Непокорна Франција (ЛФИ). Имено, НФП освои 193 места во Долниот дом од 577 пратеници, додека сојузниците на Макрон беа втори со 164 места, а десничарското Национално собрание (РН) освои 143 места.
Меѓутоа, и покрај најголемиот број места, НФП не успеа да избере консензуален кандидат за премиер поради внатрешни конфликти, особено меѓу ЛФИ и поумерените социјалисти. Во текот на изминатиот викенд, социјалистите ги урнаа надежите на Хјугет Бело, поранешна комунистичка пратеничка и претседателка на регионалниот совет во Ла реунион, кој имаше поддршка од другите левичарски партии, додека ЛФИ ја отфрли Лоренс Тубијана, економистка и експертка за климата, која имаше поддршка од социјалистите, комунистите и од зелените. Левичарскиот пратеник Франсоа Руфин ги нарече овие внатрешни конфликти „срамни“. И ова е само дел од несогласувањата што ја носи Франција на работ на една сериозна политичка криза.
Обид за дистанцирање на крајно левите, а и на десните политички опции
Аналитичарите велат дека премиерот во оставка Габриел Атал, заедно со Макрон, сè уште негува надежи за формирање централно-десничарско мнозинство во парламентот и дека ќе ги задржи на дистанца партиите Непокорна Франција (ЛФИ), како и десничарската Национално собрание (РН) од каква било нова коалиција. Парламентот повторно се состанува денес за да ги пополни клучните позиции, вклучувајќи ја и онаа на претседателот на француското Националното собрание. По оставката на премиерот Атал, тој и другите членови на кабинетот ќе можат да ги заземат своите места во парламентот и да учествуваат во градењето коалиција.
Но мора да се напомене дека аналитичарите регистрираат и знаци на несогласување меѓу Атал и неговиот поранешен ментор Емануел Макрон, кого премиерот го обвинува за изборниот пораз откако беше прогласен за најмлад француски премиер на 34 години. Макрон има уште три години на функцијата пред претседателските избори во 2027 година, на кои се очекува лидерката на француската десница Марин Ле Пен повторно да се обиде да ја освои власта. Р.С.