Фото: ЕПА

ТЕНИС – ВИМБЛДОН

Чешката тенисерка победи на турнирот во Лондон, пред три години победи на Ролан Гарос, а е и седумкратна победничка во двојки и трикратна шампионка во мешани двојки и има вкупно неверојатен резултат од 12-1 во победи и порази во финалињата на гранслем-турнирите

Чешката тенисерка Барбора Крејчикова (28) во финалето на гранслем-турнирот Вимблдон ја победи Италијанката Џасмин Паолини со 2-1 во сетови, за нејзина втора гранслем-титула во поединечна конкуренција. Крејчикова беше победничката на Отвореното првенство на Франција во 2021 година. Со оглед на тоа што и двете тенисерки беа првпат финалистки во Лондон, беше загарантирано дека Вимблдон седми пат во низа ќе има нова шампионка, пишува „Би-би-си“.
– Немам зборови во моментов. Ова е едноставно неверојатно, дефинитивно најдобриот ден во мојата тениска кариера, но и најдобриот ден во мојот живот. Пред две недели имав многу тежок меч, а претходно не бев во добра форма, оти бев повредена и болна. Навистина немав добар почеток на сезоната. Неверојатно е што стојам сега тука и го освоив Вимблдон – рече Крејчикова, пренесе „Би-би-си“.

Седумкратната победничка во двојки и трикратна шампионка во мешани двојки, Крејчикова, има вкупно неверојатен резултат од 12-1 во победи и порази во финалињата на гранслем-турнирите. Таа го освои и Ролан Гарос поединечно, потоа славеше во двојки на сите четири гранслем-турнири (по двапати на Австралија опен, Ролан Гарос и на Вимблдон, а еднаш на САД опен) и трипати во мешани двојки (сите на Австралија опен). Таа ја претставуваше Чешка на Летните олимписките игри во Токио во 2021 година, освојувајќи го златниот медал во двојки, заедно со сонародничката Катерина Синијакова. Таа заработи 2,7 милиони фунти за триумфот на годинашниов Вимблдон.

За Паолини ова беше втор последователен пораз во финале на гранслем-турнир, откако загуби од Ига Швјонтек од Полска на годинашниов Ролан Гарос во Франција.
Во вчерашното финале за мажи на Вимблдон играа Србинот Новак Ѓоковиќ, кој има рекордни 24 гранслем-титули, и Шпанецот Карлос Алкараз, со три вакви трофеи. Г.И.