Фото: ЕПА

Заканите и поплаките на грчкиот премиер на самитот на НАТО засега се „истрел во празно“, но во подготовка има нова канонада

По смената на власта во земјава прекина една практика на спроведување на Преспанската спогодба на начин како што Грција смета дека треба да се спроведува, односно унилатерално и максималистички, само од наша страна. Сега ситуацијата е поинаква, ја нема толку „северна“, туку при неформалните обраќања е дозволен индивидуален пристап на македонските функционери за тоа како во одредена пригода ќе ги употребат името и придавката. Тоа го налути Мицотакис, кој најпрво се закани со некакви непријатни искуства на НАТО-самитот, но кога му беше порачано дека за билатералните прашања нема место на ваквите средби, поплаките, па и заканите, ги изнесе на маргините, пред новинарите и на панел-дискусиите, упатувајќи порака до меѓународната јавност дека со поведението на новите власти „се испраќало лош сигнал за решавање на сите други отворени прашања и истовремено ќе се загрозела и регионалната безбедност“!?

Пропаднаа обидите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да го актуализира прашањето околу почитувањето на Преспанската спогодба за време на одбележувањето на 75-годишнината од основањето на НАТО, а најдобра потврда за тоа е што во заедничката декларација од самитот никаде не се споменуваат билатералните договори.

Од тие причини, грчкиот премиер ги афирмираше сопствените видувања во однос на (не)употребата на уставното име од страна на новите македонски власти пред новинарските екипи и на панелите во рамките на НАТО-самитот, но не и на главниот состанок каде што фокусот беше насочен кон зголемување на воената и финансиската помош за Украина, зголемувањето на воените буџети на земјите членки, операционализацијата на нови воени бази, пред сѐ онаа во Полска, а според очекуваното, НАТО упати и критика до Кина, која Пекинг најостро ја отфрли.

Сето ова јасно говори дека НАТО има далеку посериозни предизвици со кои сака да се соочува, отколку да се оптоварува со билатерални договори меѓу две нејзини членки. Тоа на Мицотакис му беше порачано уште пред самитот.
– Секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО, за да се осигури дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион – порача во пресрет на НАТО-самитот главниот директор за Европа и НАТО во Пентагон Олтон, Бјуланд.

Соочен со таквиот пристап на сојузниците, Мицотакис повторно игра на картата да ја разбуди „загриженоста кај меѓународните партнери“, тврдејќи дека со тоа што Македонија, наводно, не ја почитувала Преспанската спогодба, се испраќало лош сигнал за решавање на сите други отворени прашања, но истовремено, ќе се загрозела и регионалната безбедност, тези на кои очигледно западните партнери повеќе не паѓаат.

Ставови без реална основа

Очигледно грчкиот премиер немајќи вистински аргументи кога станува збор за колоквијалната употреба на името „Македонија“ и индивидуалното право во неформална комуникација тоа да се употребува, дури и од државни функционери, сега се повикува на испраќање погрешна порака до сите оние што имаат отворени прашања во регионот, а дека наводното непочитување на Преспанската спогодба од македонска страна, според грчкото толкување, ќе ја загрозело безбедноста во регионот.
– Прекршувањето или селективното спроведување на договорот ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања во Западен Балкан и ќе ги загрози стабилноста и безбедноста во регионот. Pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат н.з.). Сите мора да го запомниме ова – истакна грчкиот премиер.

Претходно уште еднаш повтори дека грчката влада била доследна во поддршката на процесот на проширување, но дека будењето на националистичките духови во соседните земји го оневозможуваат тоа.

Ставовите на грчкиот премиер се во целосна колизија со заклучоците на НАТО, кое смета дека токму со приемот на Македонија во Алијансата всушност се намалени безбедносните ризици на Балканот, особено ако се има предвид фактот дека освен Србија и БиХ, сите други земји во опкружувањето се членки на НАТО. Косово де факто функционира како НАТО-членка со оглед на присуството на НАТО-трупи веќе дваесет и повеќе години.

Изјавите на Мицотакис се за смирување на домашната јавност?

Познавачите на меѓународните односи се на ставот дека изјавите на грчкиот премиер се пукање во празно и дека во најголем дел се наменети за грчката јавност, која очигледно е вознемирена од новиот пристап кон Преспанската спогодба од македонска страна.
– По смената на власта во земјава прекина една практика на спроведување на Преспанската спогодба на начин како што Грција смета дека треба да се спроведува, односно максималистички. Сега ситуацијата е поинаква, ја нема толку „северна“, туку е оставено при неформалните обраќања секој индивидуално да одлучи како ќе ја нарекува својата земја. Тоа го налути Мицотакис, кој најпрво се закани со некакви непријатни искуства на НАТО-самитот, но кога му беше порачано дека за билатералните прашања нема место на ваквите средби, поплаките ги изнесе на маргините, пред новинарите и на панел-дискусиите. Крајно апсурдно е да се говори за испраќање лоша порака до сите земји во регионот што имаат отворени прашања преку примерот за Македонија, бидејќи токму земјава и Преспанската спогодба се пример како не треба да се решаваат отворени прашања, асиметрично и на штета на една страна – велат соговорниците.

Она што за нив е уште позачудувачко, тоа е тврдењето дека билатерален договор можел да ја загрози регионалната безбедност.
– Мицотакис говори за загрозување на регионалната безбедност поради непочитување на Преспанската спогодба, а е свесен дека со децении имаат многу посериозни недоразбирања со Турција, па реално никогаш не беше загрозена регионалната безбедност. Имаше инциденти, провокации, но никогаш ситуацијата не беше надвор од контрола, колку и да изгледаше така. Во случајот со Македонија, како регионалната безбедност ќе биде загрозена ако премиерот или претседателот на државата на некој локален настан во Косоврасти кажале Македонија? Мицотакис ја користи фрагилната состојба во Украина за да предупреди дека може да се случат безбедносни инциденти во регионот, но тоа во никој случај не е поврзано со билатералниот договор што го имаат со Македонија. Впрочем, Србија, која има многу посериозно билатерално прашање со Косово, отворено кажа дека не сака да учи од примерите со Преспанската спогодба бидејќи на тој начин само се покажало европското лицемерство – појаснуваат соговорниците.


Грција единствено е доследна во сопствената недоследност

Мицотакис уште говори дека меѓународното право и меѓународните договори морале да се почитуваат, а неговата земја не почитува ништо од тоа. Не испочитува пресуда на Меѓународниот суд на правдата, а нема ниту еден конкретен пример за почитување на Преспанската спогодба. Меѓународната заедница за тоа треба да биде наполно свесна

Анализирајќи ги и другите пораки искажани од страна на грчкиот премиер, пред, но и на НАТО-самитот, познавачите на меѓународните состојби со кои разговаравме сметаат дека има голема доза хипокризија во она што тој го кажува.
– Мицотакис уште говори дека меѓународното право и меѓународните договори морало да се почитуваат, а неговата земја не почитува ништо од тоа. Не испочитува пресуда на Меѓународниот суд на правдата, па дури и Преспанската спогодба на некој начин не е валиден меѓународен документ бидејќи Македонија никаде не се споменува во договорот, туку само како Втора страна. Такви договори се меѓународноправно невалидни. Дополнително се невалидни затоа што третираат прашања што се спротивни на јус когенс нормата. Понатаму, грчкиот премиер тврди и дека неговата влада е доследна на политиката за проширување на ЕУ со сите земји од Западен Балкан, но загрижен е дека на Балканот честопати се појавуваат духови на национализмот, дури и кога не се очекуваат. И тоа не е точно, бидејќи да беше така, Грција немаше со децении да ја опструира Македонија, туку ќе дозволеше нејзина евроинтеграција под референцата. Кога се реши името, Грција требаше енергично да се спротивстави на француската, а потоа и на бугарската блокада, ако толку се заложувала за проширување. Но вистината е поинаква. Грција, откако се потпиша Преспанската спогодба, не правеше ништо и чекаше другите да ја одработат работата за неа, да продолжат со блокадите, а таа да мониторира и да притиска што повеќе од Преспанската спогодба да се имплементира и без започнати преговори. Ако беше искрена во своите намери, Грција последните седум години ќе беше најголем лобист земјава што поскоро да ги почне преговорите, наместо да си стои по страна и да не ги имплементира дури ни фамозните три меморандума – констатираат соговорниците.

Според нив, Мицотакис наместо сега да бара од НАТО некаква правдина околу Преспанската спогодба, одговорите треба да ги побара во Брисел и да праша зошто ЕУ непотребно ја држеше земјава под блокада.
– Сега кога нема брусење шахти, уривање рекорди во спомнувањето на „северна“ во една минута, кога нема повеќе прашања од типот „уште што треба да направиме“, некој се чувствува непријатно. Грчката јавност притиска, притиска и опозициската СИРИЗА, па Мицотакис мора некако да одговори. Затоа спомнува регионална безбедност, негативни пораки до другите земји и слично. Она што за нас е суштинско, тоа е да останеме доследни во спроведувањето на нашите обврски кон НАТО, кон стратегиските партнери, но што е многу поважно, да останеме доследни кон сопствените граѓани, кои повеќе не сакаат понизни политики, туку сакаат да бидат рамноправен и почитуван партнер што е подготвен со секого да разговара, но врз рамноправна и реципрочна основа. Такви пораки беа упатени на Бугарија, а истите пораки, ако се случи средба меѓу премиерите во некоја блиска иднина, треба да бидат испратени и до Грција. Македонија сака исклучително добри односи со соседите, почнувајќи од економска, инфраструктурна, научна, образовна, културна, воена и секаква друга соработка бидејќи живееме едни до други. Ниту Македонија ќе ја загрози регионалната безбедност, уште помалку ќе испрати лоши пораки кон другите со своето однесување, туку напротив – заклучуваат соговорниците, коментирајќи ги последните изјави на грчкиот премиер. С.Т.