Бугарскиот премиер Димитар Главчев при обраќање на самитот во Вашингтон, по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, зборувајќи за спуштање на тензиите, направи значаен исчекор, отворено правејќи јасна дистинкција помеѓу двата народа – македонскиот и бугарскиот.
– Најмногу разговарав со Мицкоски. Бевме на исто мислење дека треба да се намали тензијата во говорот. Меѓу граѓаните, меѓу народите на двете соседни земји нема тензии и политичарите, ако не помагаат да се развиваат подобро односите, барем да не пречат – истакна Главчев.
За издвојување е дека ова е досега најхрабриот демократски исчекор на еден носител на висока државна функција на Р. Бугарија во која се искажува и уважува посебноста на два засебни народи, односно постоењето на македонскиот национален субстрат- народ, што е нешто сосема различно од досегашните ставови на официјална Софија.
Позицијата и својството од кого е дадена изјавата во јавноста, како и моментумот на јавно искажаниот став за времетраењето на еден највисок формат на мултилатерален самит, во меѓународната заедница, а и меѓународното право , има исклучително голема специфична тежина. Самиот бугарски премиер истакна дека претходно најмногу разговарал со македонскиот Премиер Мицковски, но дали ставот на Главчев произлезе токму од тој разговор, засега не се потврдува во јавноста.