Фото: СФМ

ШАХ

Женските екипи на Пелагон од Прилеп и на Капабланка од Скопје се стекнаа со право да играат во Првата лига на Македонија за шахистки, годинава. На квалификацискиот турнир во Струга, во конкуренција на пет екипи (се играше на по четири табли) првото место го освои Пелагон со четири победи (10 бода), односно 14 поени по табли, втора е екипата на Капабланка со осум бода (12 по табли), трета Шах-Шех од Битола со шест бода (7,5 по табли), четврта 4 Ноември (Битола), со три бода (четири по табли) и петта е екипата на Дамин гамбит од Скопје со три бода (2,5 по табли). За победничката екипа настапија Јустина Дутка (1.957 рејтинг-поени), Викторија Велеска (1.740), Теодора Ѓорѓиеска (1.537) и Маја Дамеска.

Во Втората машка лига, во конкуренција на 10 екипи, по четири кола (од вкупно девет) води екипата на Нов Напредок од Штип со осум бода (18 поени по табли), втор е Мулти Есенс од Скопје со седум (17,5), а трет е Кочани со шест бода (14). Потоа следуваат Центар (Скопје) со пет (12), Прилеп со четири (12,5), Карпош (Скопје) со три (11), 7. Ноември (Гевгелија) со три (10,5), Шкендија (Тетово) со два (7,5), Ласкер (Охрид) со еден (девет) и Шах-Шех (Битола) со еден (осум). Се игра на шест табли, а првите две екипи обезбедуваат пласман во Првата лига за 2025 година. Г.И.