ФУДБАЛ – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО ГЕРМАНИЈА
Шпанија е во трка за рекордната четврта европска титула (има и една светска), Франција досега има два континентални трофеја (има и две победи на светските шампионати), а Холандија и Англија освоија по еден голем трофеј, Англија светската титула во 1966 година, а Холандија европската во 1988 година
По возбудливите полуфинални натпревари на Европското првенство (ЕП) во фудбал, кое се игра во Германија, во трката за трофејот останаа Шпанија, Франција, Холандија и Англија. Во мечевите од четврт-финалето, Шпанија по продолженијата ја победи Германија, со 2-1, на пенали триумфираа Франција, на средбата со Португалија, и Англија, на дуелот со Швајцарија, а Холандија славеше на средбата со Турција, со 2-1. Од годинашните полуфиналисти, три селекции уште се без пораз (Шпанија победи во сите пет натпревари досега на ЕП 2024, Англија и Франција имаат по две победи и три ремија, Холандија забележа три победи и по едно реми и пораз), во конкуренција се две од трите најефикасни репрезентации на годинашното континентално првенство (Шпанија постигна 11 гола, Холандија девет) и три од четирите репрезентации со најдобри одбрани (Франција прими еден гол, од пенал, мрежата на Шпанија беше затресена двапати, еднаш со автогол, а Англија прими три гола).
Првото полуфинале е утревечер во Минхен, каде што од 21 часот ќе играат Шпанија и Франција. Актуелниот победник на Лигата на нациите, Шпанија (победи лани, на пенали, во финалето со Хрватска), игра за рекордната четврта европска титула (сега е израмнета со Германија, откако претходно победи на шампионатите во 1964, 2008 и во 2012 година).
– Ова е моментот да го цениме она што го постигнавме и да уживаме. Горд сум што тренирам вакви играчи. Тие се навикнати да се натпреваруваат на највисоко ниво и имаат можност да го освојат турнирот. Секогаш има простор за подобрување, се разбира, но не можеме да ги доведеме во прашање нивната гордост, квалитет и посветеност – изјави за Европската фудбалска унија (УЕФА) Луис де ла Фуенте, селектор на репрезентацијата на Шпанија.
За Франција, која е актуелен светски вицешампион и досега има два континентални трофеја (во 1984 и во 2000 година), ова ќе биде 12-то полуфинале на големите натпреварувања (има по шест на светските и на европските првенства). Тие две селекции играа меѓу себе во финалето на ЕП во 1984 година.
– Во полуфинале сме и тоа е нешто што не треба да го земаме здраво за готово, дури и ако можеби сме навикнати на тоа во последно време – рече Дидие Дешам, селекторот на Франција, пренесе УЕФА.
Следниот ден е полуфиналниот дуел во Дортмунд, од 21 часот, помеѓу Холандија и Англија. Двете селекции имаат по еден голем трофеј, Англија ја освои светската титула во 1966 година, а Холандија беше европски првак во 1988 година. За Холандија тоа е шесто полуфинале на ЕП.
– Ние сме мала нација и сме во полуфинале со Англија, Франција и со Шпанија и сме навистина горди. Голем успех е да играме во полуфиналето – рече Роналд Куман, селекторот на Холандија, пренесе УЕФА.
Англија на европските првенства има едно второ место, на минатиот шампионат, одигран во 2021 година, и две трети, во 1968 и во 1996 година. Холандија, пак, освои бронзени медали на ЕП во 1976, 1992, 2000 и во 2004 година, втори места на светските шампионати во 1974, 1978 и во 2010 година и трето место во 2014 година.
– Мислам дека играчите се брилијантни. Победувањето на турнирите не е само добро да се игра, туку мора да се покажат сите други атрибути – вели селекторот на Англија, Герет Саутгејт, пренесе УЕФА. Н.М.