ФУДБАЛ
Лионел Меси нема да биде во репрезентацијата на Аргентина на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Селекторот Хавиер Маскерано повика четворица од селекцијата што победи на Светското првенство во 2022 година, вклучувајќи ги напаѓачот Хулијан Алварез и дефанзивецот Николас Отаменди. Меси го освои златниот медал на ЛОИ во 2008 година во Пекинг, во неговиот единствен настап на летни олимписки игри, пишува АП.
Олимпискиот фудбалски турнир за мажи е за репрезентации со фудбалери до 23 години, но во секоја селекција се дозволени тројца повозрасни играчи. Маскерано, кој го освои златниот олимписки медал како играч во 2004 и во 2008 година, ќе ги додаде голманот Херонимо Рули, Отаменди и Алварез во својот тим по завршувањето на Копа Америка, а во составот ќе биде и играчот од средниот ред Клаудио Ечевери, неодамнешното засилување за Манчестер сити од Ривер Плата, пишува АП. Н.М.