Во салата на МОБ вчеравечер се славеше музиката создадена од маестрото, кој со своето творештво остави длабоки траги во македонската популарна музика. Песните што му одолеваат на времето ги отпејаа: Ана Петановска, Наде Талевска, Владо Јаневски, Горан Наумовски и Денис Димоски
Безвременските хитови на еден од најплодните и најуспешни македонски композитори, Григор Копоров, вчеравечер ни ја раскажаа неговата уникатна музичка приказна. Во салата на МОБ се славеше музиката создадена од маестрото, кој со своето творештво остави длабоки траги во македонската популарна музика.
Тој целиот свој живот работи со најдобрите македонски вокали: Тоше Проески, Калиопи, Маја Оџакливеска, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Андрија Јаневска, Сашо Гигов Гиш, Марјан Стојановски, Перо Христов, Наде Талевска… Во 1997 година со неговата песна „Не зори зоро“ што ја отпеа Владо Јаневски првпат Македонија настапи на „Евровизија“, а потоа тој како автор учествуваше уште двапати на овој избор. Еден е од најнаградуваните композитори на сите домашни, но и на меѓународни фестивали. Неговата потрага по совршена песна, на радост на бројните почитувачи, се уште трае, иако досега се потпишал на 664 авторски нумери. Освен што е плоден како автор, Копров во својот роден град Охрид триесет и една година го организира меѓународниот фестивал „Охрид фест“.
И кога како младич од Охрид дошол во Скопје барајќи начин како неговата дарба да исплива на површина нему му помогнал Драган Ѓаконовски-Шпато, за него најголемиот музичар на Балканот, кој широкоградо му ги откривал тајните на музиката. По многу години токму Копров со песните што ги напиша за талентираното 18-годишно момче од Крушево, кои и денес живеат, му помогна на Тоше Проески да изгради голема музичка кариера, која зажал беше прекината уште на самиот почеток.
Токму со „Твоите банкежи на моите бели кошули“, „Некаде во ноќта“, „Излажи ме“, „Во коси да ти спијам“ и „Немир“,„Усни на усни“, „Сонце во твоите руси коси“, започна концертот насловен „Најдоброто од Копров – Концерт на Ана Петановска“, во придружба на камерен оркестар. Ексклузивни гости беа: Владо Јаневски, Наде Талевска, Денис Димовски, Горан Наумовски, кој застана зад органзиацијата на настанот што се одржа во рамките на годинашното 45.Скопско лето, а Давор Јордановски е музички продуцент на овој концерт, кој навистина звучеше светски.
Младата пејачка Ана Петановска (20), се посигурно чекори во музичките води благодарение пред се на својата дарба, моќниот вокал што нема што не може да испее, и на емоциите и позитивната енергија што ја шири околу себе. Досега настапила на неколку концерти во Скопје и низ Македонија, а била дел и од албумите на Стефан Петановски. На „Евровизија 2022“ Ана беше придружен вокал на Андра, а на годинашниот феестивал „Белградска пролет“ настапи со песна на Григор Копров.
Вечерта, преплавена со многу музика и емоции, а украсена со вонсерските школувани гласови на нашите пејачи, чии настапи беа прекинувани и наградувани со многу аплаузи, почна со песните на Копров што своевремено ги отпеа Тоше, а Ана им вдахна нешто свое, видно возбудена како што рече од одговорноста што стои пред неа, оваа вечер. Дуетот „Немир“ што Тоше своевремено го пееше со Каролина, таа го отпеа со Денис Димовски.
Тој песните на Проески ги пееше исто така на сцената на МОБ во 2017-та во мјузиклот „Тајно моја“, по либрето на Огнен Неделковски, каде настапи благодарение на победата на „Кастинг талент шоу“ во 2016 година, заедно со Антонија Гиговска. И токму со оваа изведба, се создаде онаа магична атмосфера, која го карактеризира секој успешен концерт, кога сите присутни, заедно со извеудвачите создаваат нешто убаво и неповторливо. Навистина штета што овој концерт не беше снимен, но сигурно ќе биде запаметен.
Ана ги оживеа и „Сребрени улици“, „Лиду ду“, „Анушка“, а Наде Талевска со својот извонреден галс, не потсети на песните потпишани од Копров што ги отпеа Калиопи:„Лео“, „Остани во мене“, а Горан Наумовски, сам, и во дует со Ана и Наде, ни долови рефрени кои се уште му одолеваат на времето, меѓу кои е „Љуби ме и главата горе“, од репертоарот на Зафир Хаџиманов. Навистина е штета што Горан не го гледаме почесто на концерти и во јавноста и посакуваме во иднина тоа да се промени.
Владо Јаневски, кој секогаш истакува дека Копров е најзаслужен за неговата успешна соло кариера, испеа неколку негови песни, на радост и заедно со публиката: „Не зори зоро, „Црно тиквешко“, „Чаирска романтика“…
Наде Талевска ште еднаш не увери во маестралноста на својата изведба, особено во песната „После дождот“, што за неа ја напишал Копров. А сосема пред крај Ана Петановска покажа и докажа зошто ја викаат „чудо од дете“ со изведбата на песната на Маја Оџакливеска „ Не допирај ме“, која таа ја отпеа на истата сцена во 1994 година.
Се разбира сите изведби беа врвни вчеравечер, бидејќи не може поинаку да се испее песна на Копров.
За комплетниот впечаток секако заслужни се и музичарите во оркестарот и целиот организацисски тим. На крајот Орце Ицковски, ументички раководител на Операта му додели и Благодарница на Копров за „личниот придонес за развојот на македонската музичка сцена“, а тоа навистина е за почит.
Тој беше награден со повеќеминутен аплауз и скандирање „браво“ од публиката, која стоеше простум, оддавајќи му почит на големиот автор.