„Интервали“ е изложбата од Татјана Винона Јонеска, која ќе биде отворена вечерва од 19:30 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ова ѝ е втора самостојна изложба на Јонеска во родниот Прилеп, со која ги истражува лиминалните простори меѓу моментите.
– Преку динамичен спој на дела од хартија, слики, инсталација и видео, оваа мултидисциплинарна изложба се стреми да понуди подлабоко размислување за интервалите како спојници на просторот и времето. Со поетски став „Интервали“ отвора прашања за разоткривањето на скриените врски, ритми, транзиторни моменти и простори што ја обликуваат нашата перцепција – вели уметницата.
Татјана Винона Јонеска е уметник, кој живее и работи во Лондон. Магистрирала на престижниот Кралски колеџ за уметност (Royal College of Art London), во одделот современа уметничка пракса – критичка практика. Пред тоа студирала на подеднакво престижниот колеџ за уметности во Chelsea College of Arts – Универзитетот за уметности во Лондон, каде што ја завршила својата диплома по ликовна уметност со почести од 1-вa класa.
Винона има мултидисциплинарна практика водена од екстензивно теоретско истражување и експериментирање, што формално се занимава со прашања околу перцепцијата и истражува за тоа како се среќаваме со просторот и како ја доживуваме темпоралноста. Учествувала на бројни групни изложби во Обединетото Кралство и на меѓународно ниво.
Ка.М.