Oбраќање на амбасадорот на НР Кина за „Нова Македонија“
Во Северна Македонија штотуку завршија претседателските и парламентарните избори. Откако претседателката Силјановска ја презеде функцијата, кинескиот претседател Си Џинпинг ѝ испрати честитка, велејќи дека ќе работи со неа за продлабочување на политичката меѓусебна доверба, проширување на размената и унапредување на пријателската соработка меѓу Кина и Северна Македонија за истата таа да достигне ново ниво. Како кинески амбасадор во Северна Македонија, искрено се надевам на нови резултати во областа на социјалниот развој на Северна Македонија и очекувам нова страница на пријателските односи и соработка меѓу Кина и Северна Македонија под стратешко водство на лидерите на двете земји. Би сакал да истакнам три точки за консолидирање и развивање на односите и практичната соработка меѓу двете земји.
Политичката меѓусебна доверба е камен-темелник на здравиот и стабилен развој на билатералните односи. Најосновни се меѓусебното почитување и секогаш искреното однесување. Во текот на изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, Кина и Северна Македонија секогаш меѓусебно се разбирале и се поддржувале за прашања поврзани со фундаменталните интереси и грижи. За Кина, принципот „една Кина“ е основа за воспоставување и развој на дипломатски односи со земјите низ светот, вклучувајќи и со Северна Македонија. Како и да се менува ситуацијата на Тајван и без разлика кој е на власт, основниот факт дека во светот има само една Кина, а Тајван е нејзин дел, нема да се промени. Позицијата на кинеската влада за придржување до принципот „една Кина“, против сепаратизмот на „независност на Тајван“, противењето на „две Кини“ или „една Кина, еден Тајван“ нема да се промени. Општиот консензус на меѓународната заедница на придржување до принципот една Кина нема да се промени. Прашањето за Тајван е прашање чисто од областа на внатрешните работи на Кина. Се надеваме и веруваме дека сите сфери во Северна Македонија целосно можат да ја разберат сериозната штета на сепаратизмот на „независноста на Тајван“, да соработуваат со Кина за да го зачуваат принципот на една Кина и да ја консолидираат политичката меѓусебна доверба меѓу двете земји.
Клучот за здрав и стабилен развој на билатералните односи се заемната бенефиција и заемно победничките резултати. Најважно е да се прошири практичната соработка и заедно да се работи за заемно победничка иднина. Претседателот Си Џинпинг во мај годинава оствари државна посета на три европски земји. За време на посетата, тој длабоко анализирајќи ја ендогената движечка сила на односите Кина – ЕУ и заемно корисната природа на соработката меѓу Кина и ЕУ, заклучи дека нема геополитички контрадикции или суштински конфликти на интереси меѓу Кина и Европа. Односите Кина – ЕУ не се насочени, зависни или контролирани од трета страна. Суштината на соработката Кина – ЕУ подразбира комплементарни предности, заемна бенефиција и заемни победнички резултати, а истото тоа важи и за соработката Кина – Северна Македонија. Минатата година, Кина стана четвртиот најголем трговски партнер на Северна Македонија. Евтините и висококвалитетни производи од Кина се добредојдени од страна на жителите на Северна Македонија, а висококвалитетното вино и другите земјоделски и прехранбени производи од Северна Македонија исто така се популарни и кај обичните Кинези. Во последниве години, двете земји активно ги истражуваа можностите за проширување на соработката во областа на туризмот, новите енергетски возила, медицината и други. Кинески брендови на нови енергетски возила веќе се влезени на македонскиот пазар, а заемно корисната соработка меѓу двете страни има широка перспектива. Кина се придржува до својата основна национална политика на отворање кон надворешниот свет, се спротивставува на политизацијата и идеологизацијата на економските и трговските прашања и е подготвена да работи со сите страни, вклучувајќи и со Северна Македонија, за да постигне заемна победничка соработка.
Гаранцијата за здрав и стабилен развој на билатералните односи е основа на јавното мислење, а најефективниот начин да се постигне истото тоа е да се продлабочи пријателството преку проширување на културната размена меѓу луѓето. Соработката во областа на културната размена меѓу луѓето отсекогаш била светла точка на соработката меѓу Кина и Северна Македонија, а во последниве години таа динамично се развива. Од размена меѓу владини и невладини организации, до размена меѓу образовни, културни институции, како и меѓу медиуми и аналитички центри, начините на размена и соработка стануваат сè поразнообразни, сè повеќе и повеќе луѓе се вклучени, а позитивните ефекти се сè поочигледни. Кинеската култура е сè повеќе достапна за изучување на македонските универзитети, а истото важи и за изучувањето на македонската култура на кинеските универзитети. Речиси 200 кинески студенти се пријавија на курсот по македонски јазик и култура што неодамна се отвори на кинеските универзитети. Ова целосно ги одразува растечкото влијание, афинитетот и привлечноста меѓу двете култури. Успешниот развој на односите меѓу Кина и Северна Македонија е благодарение на поддршката од страна на двата народа, а целта е подобар живот за истите тие. Очекуваме повеќе луѓе од Северна Македонија да ја посетат Кина, да ги искусат развојните достигнувања на модернизацијата во кинески стил, да станат практичари, дисеминатори и промотори на пријателството Кина – Северна Македонија и да промовираат меѓусебно разбирање меѓу луѓето.
Оваа година се одбележуваат 75 години од основањето на Народна Република Кина. Во моментов, повеќе од 1,4 милијарда Кинези работат на големата кауза за сеопфатно унапредување и изградба на Кина во силна земја и на подмладувањето на нацијата преку модернизација во кинески стил. На патот кон развојот, Кина очекува заемен успех со Северна Македонија преку меѓусебна поддршка. Заедно да напишеме ново поглавје на соработката и во интерес на двата народа, заедно да придонесеме за светла иднина на односите меѓу Кина и Северна Македонија.
Џанг Ѕуо
Авторот е амбасадор на НР Кина во Македонија