Фото: ЕПА

СЕ ЗГОЛЕМУВА ПРИТИСОКОТ ВРЗ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА САД ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД ТРКАТА ЗА РЕИЗБОР

Водечките претставници на Демократската партија во САД почнаа силно и агресивно да го критикуваат настапот на јавната дебата на нивниот сопартиец и актуелен американски претседател Џо Бајден, противејќи се на, како што велат, неубедливиот одговор од неговиот изборен штаб во однос на грижите дека тој веќе не е способен за извршување на функцијата, што претставува застрашувачко предупредување за партијата, пишуваат светските медиуми. Паниката на демократите се претвора во гнев и кон семејството и советниците од блискиот круг на Бајден, поради криењето на неговата моментна состојба, како и поради нивната неподготвеност да се соочат со можноста за откажување од претседателската трка. Разговорите со партиските донатори, консултанти и оперативци по изборната дебата, покажале зголемена убеденост дека Бајден веќе не е во состојба да му конкурира на Доналд Трамп за претседателската функција, како и дека треба да отстапи од трката во полза на помлад кандидат.

Ниту потенцијалните замени меѓу демократите немаат добри изгледи

Секој трет член на Демократската партија смета дека Бајден треба да ја прекине својата кандидатура за реизбор, но ниту еден друг истакнат член на партијата не поминува подобро во хипотетичка пресметка со Трамп, покажуваат резултатите од најновата анкета на Ројтерс-Ипсос, во која учествувале 1.070 возрасни Американци.
Меѓу имињата на водечките демократи што биле спомнати како можни замени за Бајден, единствено Мишел Обама, сопругата на поранешниот претседател Барак Обама, постигнала подобар резултат од Бајден и имала 50 отсто наспроти 39 отсто, во хипотетички судир со Трамп. Актуелната потпретседателка Камала Харис, на пример, заостанува за еден процентен поен зад Трамп, што нејзината кандидатура би ја направило статистички еднакво силна како онаа на Бајден.
Лојд Догет е прв конгресмен од Демократската партија што јавно го повика Бајден да се повлече од трката за Белата куќа.
– Првата посветеност на претседателот Бајден отсекогаш била кон нашата земја, а не кон самиот себе. Се надевам дека тој ќе донесе болна и тешка одлука да се повлече. Со почит го повикувам да го направи тоа – посочи Догет, конгресменот на Демократската партија од Тексас.
Треба да се напомене и дека неколкумина демократи сметаат оти Бајден треба да ја отфрли заштитата од неговите соработници и првата дама Џил Бајден, за да докаже дека може да настапува соодветно на јавни настани, како што се прес-конференции и средби со потенцијалните гласачи, со цел да ја поправи штетата од појавувањето на дебатата.

Бајден нема намера да се повлече

Бајден не даде никакви индикации дека има намера да се повлече од претседателската трка. За време на неговото обраќање од Белата куќа тој ја критикуваше одлуката на Врховниот суд за пресудата според која Трамп има широк имунитет од кривично гонење за неговите постапки како претседател. Џил Бајден, пак, порача дека семејството „нема да дозволи 90-те минути од телевизиската дебата да ги дефинираат четирите години за време на кои Бајден беше претседател“, нагласувајќи „ќе продолжиме да се бориме“, во интервју за магазинот „Вог“ дадено во неделата.
Белата куќа соопшти дека тестот за когнитивните способности на Бајден не е неопходен. Портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, тврди дека извршна власт апсолутно не ги криела информациите за здравствената состојба на актуелниот претседател. Најавено е дека Бајден утре ќе има интервју за телевизијата Еј-би-си, прво по дебатата на која тој се соочи со Доналд Трамп. Р.С.