Што, кога станува збор за Македонија, подучува параболата за Хаити,
а што антиколонијалната модерност?

Во денешниов есеј ќе издвојам три поуки.

Приказната (или, ако сакате, параболата) за Хаити е долготрајна трагедија: повеќе од 200 години, државата Хаити и нејзините жители се казнувани за успешниот бунт на робовите (што започна во 1791 г.) од кој се изнедри (во 1804 г.) првата црна република во светот, првата независна нација на Карибите, првата земја на континентот Америка што официјално го укина ропството и единствената земја во историјата основана со бунт на робовите. Казната беше сурова: Франција ги принуди (во 1825 г.) поробените луѓе и нивните потомци да им плаќаат на своите поранешни господари за ослободување од ропството 90 милиони франци (според различни процени помеѓу две милијарди и 10 милијарди долари во денешни пари) за да се компензира загубата на имот, вклучувајќи ги – верувале или не, и робовите (??!!).
Денес Хаити е симбол на корупција и беззаконие (на 26 јуни 2024 г. кениската полиција пристигна на Хаити во контроверзна мировна мисија за борба против влијанието на моќните банди), но пред 200 години, таа го симболизираше токму спротивното – можност за еманципација на луѓето. Нивниот (95 проценти од денешните жители на Хаити се потомци на робовите од Африка) неверојатен успех ги инспирираше, во педесеттите години од минатиот век, сите оние, особено во Африка, кои се спротивставија на ропството и колонијализмот, па така, антиколонијализмот не беше одговор на тогаш – во педесеттите години од минатиот век, биполарниот свет, туку беше вкоренет во револуцијата на Хаити. Просветителството, кое ги инспирираше француските револуционери, го славеше разумот, но беше извалкано од расистичкото верување дека само белците поседуваат капацитет за него. Африканските лидери во педесеттите години од минатиот век ја дефинираа целта на нивните сопствени идеолошки проекти: корекција на европската и американската модерност, којашто беше расистичка и исклучувачка.
Што, кога станува збор за Македонија, подучува параболата за Хаити, а што антиколонијалната модерност? Во денешниов есеј ќе издвојам три поуки.

Прво – независност.

Плашејќи се дека примерот на Хаиќаните може да ги охрабри другите да се борат за слобода, владејачките елити во Европа и во Америка се обидоа да ја изолираат новата нација и одбиваа да ја признаат со децении. Во 1825 година Франција ја одреди цената на признавањето: репарација од 150 милиони франци, подоцна намалена на 90 милиони франци. Износот од 90 милиони франци беше далеку над можностите на Хаити, принудувајќи ја државата да позајмува од француските банки со астрономски каматни стапки, што дополнително го зголеми товарот. До 1914 година, 80 проценти од државниот буџет на Хаити беше наменат за отплата на долговите. Од година на година, парите што можеа да се инвестираат во училишта и болници, индустрија или земјоделство, во една од најсиромашните земји во светот (иако, мора да се признае, значителен дел веројатно завршија во џебовите на олигарсите од Хаити) беа крадени од некои од најбогатите. Плашејќи се дека Македонија повторно (по 2.000 години) ќе стане независна држава (Античка Македонија не претставува ничие ексклузивно право, најмалку на Грција, туку Античките Македонци се дел од културно-историскиот идентитет на сите народи од Југоисточна Европа и пошироко, кои ги претставуваат современите политички нации, вклучувајќи ја и Република Македонија, без разлика на денешново толкување на историјата – производ на современите политички нации и на актуелната геополитика), македонските политичари, неуки за геополитичките предизвици и подложни на притисоци, влегоа во црна дупка. Тоа резултираше цената на независноста на Република Македонија, зачленувањето во НАТО и (половичниот) почеток на пристапните преговори со ЕУ да биде преголема за Република Македонија и за Македонците. Македонците сѐ уште се во шок и не ги согледуваат последиците од предавањето и продавањето на сè што е македонско, несвесни за повикот на Данте на влезот во Пеколот: „Оставете ја сета надеж, вие кои влегувате тука“.

Второ – хибрис.

Тоа што се случуваше на Хаити во последните двесте години и во Македонија во последните триесетина години е последица на подмитливите и корумпирани локални власти. Потребата од владеење и управување (со државата) поттикнува, со мали исклучоци и незначителни отстапувања, владејачката елита, без разлика дали владее во Македонија, на Хаити, во ЕУ или во САД, да практикува властољубие (одржување на власта), ароганција и нарцисоидност (потиснување и омаловажување на сите добронамерни критики) и лукративност. Според моето мислење, во Македонија зборот „политичар“ предизвикува сложена, повеќеслојна емоција, мешавина од разочарување, одвратност, лутина и, пред сѐ, страв. Страв предизвикан од можноста Македонија да се распадне, да исчезне. Оваа емоција е поврзана со терминот ресентимент, воведен од Ниче (зборот потекнува од францускиот збор „ressentiment“ што значи „незадоволство“). Би сакал да подвлечам дека треба да се прави разлика меѓу феноменот ресентимент (ressentiment) и емоциите незадоволство, огорченост, гнев, одмазда, омраза и чувството на инфериорност. Во филозофијата, ресентиментот ги менува нашите аксиолошки процени, сочинувајќи ја неговата најистакната карактеристика – процес на повторна процена. Од друга страна, лордот Дејвид Овен и неговите соработници во повеќе научни трудови покажуваат дека многу политичари го имаат синдромот хибрис, стекнато нарушување на личноста. Во грчката трагедија, зборот хибрис означува прекумерна гордост, ароганција, пркос на боговите, што може да доведе до казнување од божицата Немезис. Лицата со овој синдром имаат некои од следниве (или сите) карактеристики: нарцисоидност, ароганција, непромисленост, некомпетентност за носење геостратегиски одлуки и креирање политики. Тие гледаат на светот како место за самовеличање преку употреба на моќ, покажуваат претерана самодоверба, покажуваат одговорност само пред повисок суд (историја или Бог) и го губат контактот со реалноста.

Трето – самопонижување.

За разлика од капиталистичките и империјалистичките стратегии за модернизација, антиколонијалната модерност подразбира, меѓу другото, и психолошкото ослободување, што вклучува анализа на несаканото, но распространето влијание на неразвиеноста и империјализмот врз граѓаните на некои држави. Во 1961 година, интелектуалецот и антиколонијалист Франц Фанон, клучен теоретичар на војната во Алжир, ќе забележи дека „белиот човек“ им ја одзеде самодовербата на тие коишто не се бели и им всади психолошка болест, оттука, вистинскиот напредок вклучува враќање на самодовербата, создавање „нов човек“. Првиот претседател на Гана, Кваме Нкрума, ги повика борците за слобода да не ја игнорираат „духовната страна на човечката личност“, бидејќи „материјалните потреби“ на Африканците ги направија ранливи на потчинување. Неразвиеноста на Македонија (Македонија е една од најнеразвиените држави во Европа) и империјализмот на нашите соседи, ЕУ и САД кон Македонија изразен преку водење хибридни војни, влијание врз политиката и економијата на Македонија, за што сме сведоци катадневно, предизвика македонските политичари не само да се заразат со синдромот хибрис туку да се трансформираат во „кафеави сахиби“ – безрезервно поддржувајќи сè што е европско и американско, а до хистерија мразејќи сè што е македонско, за што пишуваше во 2020 година Игор Радев во извонредниот есеј „Кафеавите сахиби меѓу нас и во нас“. Единствена шанса за просперитет на Хаити се појави кога Жан-Бертран Аристид – популарен помеѓу работничката класа и сиромашните жители на Хаити, ја презеде власта пред неколку децении: двапати, во 1990 и 2001 година, брановите на јавна поддршка го донесоа Аристид на претседателската функција. Трн во окото на Америка, Аристид беше соборен со државен удар во 2004 година.

Како понатаму?

Парафразирајќи го Оскар Вајлд, постојат само две трагедии во животот: едната е да не го добие она што го сакате, а другата да го добие. Владеењето обврзува – предизвиците со кои се соочува новата влада се огромни, се чини непремостливи. Меѓутоа, тоа е привид. Според книгата „Весник на Обединетите нации: Одисеја на делегатот“ (објавена во 1974 г., на англиски „United Nations Journal: A delegate’s odyssey“), Кисинџер го советува Никсон за можноста да се прошири глас меѓу државите во светот дека „е опасно да се биде непријател на Америка, но да се биде пријател на Америка е фатално“. Прво што треба да направи новата влада на Република Македонија е раскинување на Договорот со Бугарија: тоа ќе прати порака дека Македонија е суверена држава, а не вазал на друга држава, и дека нејзината влада се грижи за опстојбата на Македонците.
На крајот од филмот „Валтер го брани Сараево“, инаку еден од најпопуларните филмови во Кина, германскиот офицер размислувајќи дека конечно сфатил зошто никогаш не успеал да го победи својот непријател Валтер, стоејќи на еден рид покажува кон Сараево долу и забележува: „Го гледате тој град: Тоа е Валтер!“ (на германски: Sehen Sie diese Stadt? Das ist Walter!). Ваквиот пристап: Ја гледате државата Македонија? Тоа е македонството – е нашиот единствен пат за опстојување.