Драги деца, денеска ексклузивно во „Колибри“ објавуваме песничка од новата збирка на Васил Мукаетов, насловена „Лево, десно, никако во тесно“, која е во подготовка.
Инаку, на нашиот почитуван соработник уште од првите броеви на „Колибри“, значи пред 66 години, во четвртокот, 27 јуни, му беше роденден, изгаси 82 свеќички на роденденската торта. И покрај тоа, Васил Мукаетов е еден од најактивните македонски автори за деца. Од богатото творештво на неуморниот писател ги издвојуваме: „Чукни, чукни трипати“, „Мариовски сказни – Пејови приказни“, „Од згода до згода, заграб бистра вода“, „Што е, а што не е?“ и „Ај погоди!“ Станува збор за читанки, збирки поезија, гатанки и раскази, кои се во издание на „Либи“, дел од „Арс ламина – публикации“. Објавува и во литературните ревии и списанија – „Стожер“, „Слово“, „Бранување“. Застапуван е во повеќе учебници по македонски јазик и литература за основното образование. Член е на Друштвото на писателите. Добитник е на наградата на ДПМ – „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца во 2017 година за „Скокни – прескокни“.
“Со децата навивачи”
Нема ТВ преноси
од стадионите, салите
a да не сте ги виделе
нив – најмалите.
А тоа значи,
нема натпревари
без деца – навивачи.
Не сте знаеле?
Извините.
Тие, со татковците
се први на трибините!
Еве ги.
Со знаменца, амблеми,
капи навивачки.
Дури има и деца, со копачки.
Навивачки светови,
децата се тука – цветови.
Нема паузи,
за аплаузи.
Со кренати раце,
децата се деца
каде и да се!
Најискрено се радуваат.
Најискрено, тагуваат.
Израмнети погледите:
– Се учи и од поразите и од победите.
Сигурен сум, многумина се согласуваат,
Пред телевизорите кога седнуваат,
Се бараат децата, први поздравуваат.
Ѝ се е јасно.
Се друго на натпреварот,
е – прекрасно!
Васил Мукаетов