ГОЛЕМА ИЗЛОЖБА НА САМОУКИОТ НАДРЕАЛИСТ
Изложба на слики, цртежи и графики (од колекцијата на „Остен“) на големиот македонски сликар, самоукиот надреалист Вангел Наумовски ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во галеријата „Остен“. За неговото извонредно творештвото на „Остен биеналето 2024“ му е доделена наградата „Светско културно наследство“, со што пригодно му се оддава почит по повод стогодишнината од неговото раѓање (1924-2006) и стогодишнината од појавата на надреализмот (1924-2024). Со оваа изложба започнува официјалната програма на биеналето.
– Во колекцијата на „Остен“ се наоѓаат 65 дела од Вангел Наумовски – слики, цртежи и графики. Направен е избор на дела од различни фази на неговото творештво, кој се протега од неговите почетоци на надреалниот стил (сликата масло на платно „Без наслов“ од 1964 г.), па до последните фази на неговото творештво (цртежи, креони во боја на хартија, 1994-1995). За подобро информирање на публиката за значењето на Вангел Наумовски и неговото творештво, во рамките на изложбата ќе се проектира филмот за Вангел Наумовски од серијата „Портрети“, во продукција на Телевизија Скопје (уредник: Влада Урошевиќ, сценарио: Гордана Бошњакоска/Благоја Марковски и режија: Благоја Марковски) од 1981 година.
Вангел Наумовски е македонски сликар со светско реноме. Роден е во охридското село Скребатно во 1924 година. Се запишува во Средното уметничко училиште во Скопје, но во 1947 година е исклучен оттаму како „неталентиран“. Првата негова работа е цртач во ателјето за резба во Охрид, додека неговата прва изложба е во родниот град Охрид во 1954 година. Потоа следувале нови изложби, награди и признанија. Првпат во странство Наумовски се претставил во 1961 година, додека во 1967 година станал член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, кое на изложба во 1969 година му ја доделило наградата „Свадбен венец“. Истата година од градот Охрид ја добива наградата за сликарство „Седми ноември“ и тој почнува да се занимава исклучиво со сликарството како слободен уметник.
Во 1974 година Наумовски бил награден со гран при за сликарство од колекцијата „Винстон“ во Женева, ја добил и наградата за сликарство „Нерешки мајстори“ на ДЛУМ, а во 1979 година станал член на Италијанската академија за ликовни уметности, од каде што бил номиниран и за академик. Во Италија е награден и со „Награда на Италија“ во 1980 година.
На првото Биенале на југословенската самоука ликовна уметност во Светозарево во 1981 година добил откупна награда, а во истата година и награда за цртеж од Музејот на современата уметност во Скопје. Во 1984 година италијанскиот Центар за студии и истражувања на нациите му ги доделува светската награда за култура и „Статуа на победата 1984“, a Европската академија од Италија наградата „Европско знаме на уметноста“ со златен медал.
Наумовски има остварено над 30 самостојни и стотина групни изложби низ сите центри на модерната уметност, како Париз, Рим, Лондон и Њујорк, а неговите дела се наоѓаат во многу музеи во Македонија и низ светот. Почина на 13 јуни 2006 година во Охрид. В.Д.
Салвадор Дали: Неговото сликарство е блиско до моето
Во 1970 година изложува во галеријата „Мона Лиза“ во Париз, на чие отворање се појавил и големиот Салвадор Дали, кој, меѓу другото, истакнал: „Ова е сликар од бајките. Тој е сликар наивец, но Медитеранот оставил силен печат на него. Мошне е префинет и суптилен. Ова е комплетна изложба. Неговото сликарство е блиско до моето. Мене не ме интересираат обичните сликари наивци. Кај Наумовски има елемeнти што може да бидат дури и научни. Исто така интересна е и биолошката страна на неговото сликарство“ – извадок од монографијата за Наумовски.