ТРИ ГЕНЕРАЦИИ НА ЕДНО ГЕВГЕЛИСКО СЕМЕЈСТВО ОБЕДИНЕТИ НА ИЗЛОЖБАТА „ДВОЈНА СКУЛПТУРА-АТЕЛЈЕ ЈАНЕВ“

Во Гевгелија неодамна се случи уникатен ликовен настан, чии организатори беа националната установа Музеј Гевгелија и уметничката галерија „Амам“, кој обедини три генерации од едно семејство. Со свои дела се претставија членовите на фамилијата Јаневи, на изложбата насловена „Двојната скулптура – Ателје Јанев“.
Најмладата од нив, Маре Јанева е родена на 24 февруари 2018 во Гевгелија. Таа е членка на ликовната секција при Пионерскиот дом во родниот град, со која раководи нејзиниот татко, м-р Александар Јанев, дипломиран вајар. Маре е редовна учесничка на изложбите на ликовната секција и вредно твори во ателјето „Јанев“.
Александар Јанев е роден на 12 февруари 1987 година во Гевгелија, завршил Академија за ликовни уметности во Скопје – отсек вајарство со графички дизајн, кај професорот Беди Ибрахим, академски вајар, кај кого и магистрирал. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и претседател на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија. Учествувал на голем број групни изложби, меѓународни ликовни колонии и има пет самостојни изложби во Скопје, Прилеп, Гевгелија и во Богданци.
Третиот учесник, највозрасниот, е таткото на Александар, Јордан Јанев.Тој е роден во 1948 година во Гевгелија, завршил Академија за применета уметност-отсек вајарство во Белград, во класата на професорот Миодраг Живковиќ. Учествувал на голем број групни изложби на ДЛУГ, на ликовната колонија „Аполонија“, редовен учесник е на биеналето на современата скулптура во Куманово и автор на повеќе споменични обележја во Гевгелија.
Изложбата содржи 15 црно-бели цртежи на академскиот вајар Јордан Јанев-Дане, 26 скулптури на вајарот Александар Јанев и шест слики во темпера на малата Маре Јанева.

Апстрактна идеја и реална визија

– „Двојната скулптура – ателје Јанев“ претставува сублимат на двајца квалитетни мајстори по професија вајари и на наследничка ученик, која оди по стапките на своите мајстори. Уметноста на авторите, различна или слична, им овозможува да се изгубат во апстрактната идеја и да се пронајдат во реалната визија на материјата. Опстојуваат во негувањето на тишината и спокојот во душата, ритуал во кој го пронаоѓаат внатрешното битие и му дозволуваат да се разигра. Скулптурите, сликите и делата што се создадени од три генерации на нашето семејство не се насловени од едноставна причина вие самите да имате свое видување и да му дадете свој наслов на секое од овие дела – емотивно им се обрати на присутните Александар Јанев во име на „уметничката тројка“ Јаневи.
Според кустосот, историчарот на уметноста Александар Каракабаков, во изложените дела може да се забележат линијата, формата и пред сѐ третата димензија, но со ова тројно изложување на делата од ателјето „Јанев“, можно е да се пронајде онаа најважната, четвртата димензија.

Маре не го црта дрвото како другите деца

Академскиот вајар Јордан Јанев-Дане, инаку дедо на Маре, откри мал дел од таа четврта димензија што се крие во Маре Јанева.
– Маре е родена во дом каде што се негуваат уметноста и книжевноста. Таа уште на најмала возраст, кога имаше две-три години, во ателјето „Јанев“ знаеше што е цртеж, што е боја, глина, гипс, дрво и сето она што се користи како материјал за творење и создавање во уметноста. Ги познаваше алатките со кои се создава едно уметничко дело, четките за различните сликарски техники, шпаклите за моделирање, длетата и чеканите за изработка на скулптура. Не е грев ако се знае дека таа уште на таа возраст знаеше дека дрвото се црта со корен, стебло, крошна и плод. Дрвото не го црташе како стапче со крукче, како другите нејзини другарчиња – вели нејзиниот дедо.

Тој се присети дека и нејзиниот татко Александар, кога учел во основно училиште, добил тројка по ликовно затоа што не го нацртал дрвото како стапче со крукче и тројка по музичко затоа што не знаел да ги отпее песните од детскиот фестивал „Калинка“. А тој истовремено посетувал часови по пијано и одлично свирел познати клавирски композиции за неговата возраст.
– Ова јас, нејзиниот дедо Јордан Јанев-Дане, го кажувам од едноставна причина што детето од најмала возраст треба од страна на наставникот да се насочува кон онаа уметност што му лежи нему, а помалку да се гледа на тоа дали и колку може да го повтори правилно материјалот што го предава еден наставник. Во тоа целосно се согласува и мојата сопруга, инаку баба на Маре, Маре Јанева. Еве, со овој едноставен пример со дрвото што Маре на најрана возраст го црташе правилно, сакам да покажам дека малата Маре е како плодот на едно дрво, кое има корен, крошна и плод, и кога од тој плод на земјата ќе падне семка, повторно ќе се роди дрво што ќе има корен, стебло, крошна и плод. Како што вели нашата народна поговорка, крушата под круша паѓа – дополни дедото Јордан Јанев-Дане, академски вајар.

Од есен прваче

Маре во градинката и во ликовната секција во Пионерскиот дом во Гевгелија, со која раководи нејзиниот татко, вајарот Александар, секогаш црта карактеристични цртежи за нејзината детска возраст. Но кога седнува во просториите на ателјето „Јанев“, таа има можност да ѝ се препушти на својата фантазија, да ги користи сите можни алатки на дедо си и на татко си и со силни, енергични потези на малата рака да создава необични дела.
Маре од оваа есен ќе појде на училиште, во прво одделение. Освен интересот за ликовната уметност, Маре покажува интерес и за свирење на пијано, па затоа од оваа година таа ќе почне да го посетува и основното музичко училиште „Васо Карајанов“.
На крајот од ова откривање на уметничкиот порив на Маре, нам ни преостанува да ѝ посакаме успех, најпрво во совладувањето на основното образование, а потоа и на полето на уметноста. Времето е на нејзина страна и веруваме дека за неа во иднина ќе слушаме многу убави работи и ќе присуствуваме на некоја нејзина самостојна изложба или на некој нејзин солистички концерт.

Љубчо Алексовски