фото: М.М.

Во присуство на членовите на семејството на доајенот на битолското и македонското радио новинарство Тоде Петревски, годинашната награда на Битолски весник, ја доби Мартин Николовски, новинар на „Гласот на Америка“ на македонски јазик во Вашингтон, САД.
– Ми претставува голема чест и задоволство што сум добитник на оваа престижна награда, што ја доделува „Битолски весник” и која го носи името на доајенот на битолското и македонското новинарство Тоде Петревски. Јас, кога почина Тоде Петревски бев млад, не се сеќавам на неговиот лик, но, за него имам слушано и читано дека беше исклучителен професионалец во новинарството и посветен на новинарската професија. Новинарството во последно време во Битола полека изумира и сѐ помал број млади луѓе сакаат да работат во новинарството. Да не дозволиме јавното мислење да ни го креираат луѓе коишто немаат никаква допирна точка со новинарската професија – рече по врачувањето на наградата, добитникот Мартин Николовски.
Обракајќи им се на присутните, директорот на „Битолски весник” Менде Младеновски истакна дека новинарството во Битола и општо во Македонија е на смртна постела.

– Во последните неколку години во Битола згасанаа три локални телевизии, две радија и три весници. Во Битола никој не сака да биде или работи како новинар. Само во последните неколку години од битолските медиуми си заминаа над 130 новинари и медиумски работници. Тоа е така, затоа што новинарската професија во Битола веќе не е привлечна и затоа штп секој може да биде новинар. Само во новинарството не се бара образование и диплома за завршени студии. Не се бара ни крурс, ни соодветна обука. Во новинарството влегоа случајни луѓе коишто себеси се претставуваат и декларираат за новинари, без притоа да се има наобразба и да се почитуваат кодексот и стандардите во новинарската професија. Тоде Петревски беше новинар којшто во сиот свој работен век се залагаше за кредибилно, вистинито и професионално новинарство во коешто ќе се почитуваат сите етички и професионални новинарски стандарди – рече Младеновски.

Сопругата на покојниот новинар Тоде Петревски, Снежана истакна дека нејзиниот сопруг Тоде Петревски постојано велеше дека новинарот треба да се поклонува само пред вистината.
-Денес, за жал, имаме новинари коишто се замижани. Тие новинари им служат исклучиво на политичарите. Од таквите новинари не може да се очекува со своите текстови да го просветлат народот и да ја пишуваат вистината – рече Снежана Петревска.
Инаку годинашниот добитник на наградата „Тоде Петревски”, Мартин Никловски е дипломиран новинар на Факултетот за комуникации при Универзитетот Хадзи Бајрам Вели во Анкара, Република Турција.
Мартин Николовски својата новинарска кариера ја почна на својата 13-годишна возраст, кога за првпат се појави на телевизиските екрани како водител на детска програма на регионалната телевизија „Тера”.
По завршувањето на студиите, тој продолжи да работи во националните медиуми во Скопје и беше дел од телевизија Телма, ТВ21 и Македонското радио – Радио Скопје.
М.М.