По дводневно собраниско заседание, на 22 и 23 јуни 2024 година е избрана новата влада на Македонија, со мандат од четири година, која произлезе од резултатите на парламентарните избори, одржани на 8 мај годинава. Владата е дваесетта по ред од осамостојувањето на државата, а премиерот е тринаесетти по ред. Оваа влада ќе има 24 министерски позиции, вклучувајќи ја и премиерската, која ќе ја извршува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Христијан Мицкоски – претседател на Владата на Македонија
Премиерот на новата влада Христијан Мицкоски своето работно искуство го започнал како дел од научнонаставниот кадар на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2002 година. Во периодот 2015-2017 бил советник за енергетика на премиерите Никола Груевски и Емил Димитриев, а во периодот 2016-2017 бил генерален директор на АД „Електрани на Македонија“. Во декември 2017 година е избран за лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, на шеснаесеттиот конгрес во Валандово, а во декември 2021 година повторно е реизбран на истата функција на седумнаесеттиот конгрес на партијата во Скопје
Заради стручно усовршување, во периодот од 2010 до 2012 неколкупати престојувал на Техничкиот универзитет во Виена и на Техничкиот универзитет во Софија. Од 2014 до 2019 година бил вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје, а во декември 2019 година бил избран за носител на повисоко академско звање, редовен професор на истиот факултет. Во периодот 2015–2017 бил советник за енергетика на премиерите Никола Груевски и Емил Димитриев. Во 2016 година е поставен за претседател на управниот одбор и генерален директор на АД „Електрани на Македонија“. Како директор забележува успех во работењето, што се огледа преку зголемување на финансиската добивка на претпријатието, менаџирање при кое се намалува цената на електричната енергија, како и започнување проекти за отворање нови рудници за јаглен и реконструкција на енергетските блокови на РЕК Битола. Во јуни 2017 година, веднаш по изборот на владата на СДСМ, Мицкоски се повлекува од позицијата надворешен соработник за енергетика, на која е назначен од претходната влада. Во истиот период тој се повлекува и од други комисии. Како причина за оставките Мицковски ги наведува различните политички, економски и енергетски концепти со оние што ги има новата влада.
Мицкоски е член на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ од 1997 година. Во првите неколку години бил дел од младинската структура. Во периодот од 2010 до 2012 година бил копретседател на комисијата за енергетика, каде што започнал да ја гради партиската политика во енергетиката. На изборите во 2008, 2011, 2014 и 2016 година бил дел од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2016 година го предводел и Регионалниот штаб на четвртата изборна единица. Од април 2017 година е претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, а од август до декември истата година ја извршува функцијата генерален секретар на партијата. Непосредно по локалните избори се повлекува од советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ како советник во Советот на Град Скопје за да ѝ се посвети на функцијата генерален секретар на партијата. Од јуни 2017 до декември истата година ја извршува функцијата генерален секретар на партијата.
Александар Николовски – вицепремиер и министер за транспорт
Александар Николовски (потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ) ќе биде носител на вицепремиерската функција во новата влада и министер за транспорт. Николовски е роден на 24 март 1984 година и е дипломиран политиколог. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“. Магистранд е по политички науки и меѓународни односи. Од 2006 до 2016 година, како и од 2020 до 2024 бил пратеник во Собранието на Р Македонија во неколку мандати. Од 2015 до 2017 година беше потпретседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа во Стразбур, Франција. Од 2014 до 2016 година бил прв потпретседател на Комитетот за справување на обврските и заложбите на земјите членки на Советот на Европа.
Љупчо Димовски – вицепремиер за политички систем
Љупчо Димовски е лидер на Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), која е дел од коалицијата „Твоја Македонија“. Тој е роден на 9 април 1959 година, а дипломирал на Факултетот за економски науки при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, насока меѓународни финансии, банкарско и финансиско сметководствено работење. На последните парламентарни избори е избран за пратеник во Собранието, но бил носител на пратенички мандат и во циклусите од 2020 до 2024, од 2016 до 2020, како и од 2014 до 2016 година. Работното искуство почнува да го стекнува од 1987 година, како референт во комерција во „Технометал Вардар“, каде што работи до 1989 година. Од 1989 до 1993 година работел како надворешен соработник во компанијата „Маритима“ од Аргентина, „Банко интерамерикано де Десалорио“ од Уругвај и „Меркадо комун дел Сур“ од Аргентина. Од 1993 до 1988 година работел како помошник-директор во „Технометал Вардар“ АД Скопје. Од 1998 до 2004 година бил генерален директор во „Електронска индустрија“ ДОО Скопје. Од 2004 до 2005 година бил стручен советник за организациско-програмски активности во СПМ, а во истиот период работел и во „Бал пакеџин Јуроп“ во Белград, Србија. Од 2005 до 2008 година бил генерален директор на ЈП „Паркови и зеленило“ Скопје. Од 2008 до 2009 беше заменик-министер за транспорт и врски. Во периодот од 2009 до 2014 година беше министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Изет Меџити – вицепремиер и министер за екологија
Изет Меџити, лидерот на Демократско движење (дел од коалицијата Вреди), е вицепремиер и министер за екологија. Роден е на 8 февруари 1977 година и е дипломиран економист од Економскиот факултет во Скопје, насока финансиски менаџмент и сметководство. Меџити е и магистер на економски науки од истиот факултет. Од 2001 до 2004 година бил професор во Средното економско училиште „Арсениј Јовков“ во Скопје. Од 2005 до 2017 година во три мандати беше градоначалник на скопската општина Чаир. На последните парламентарни избори беше избран за пратеник во Собранието, а пратенички мандат имаше и во периодот од 2020 до 2024 година.
Шабан Салиу – вицепремиер за интеграција и имплементација
на Декадата на Ромите и министер без ресор
Шабан Салиу е роден на 6 јануари 1961 година во Гостивар. Тој е дипломиран правник од Правниот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирал на политички и правни науки на Универзитетот ФОН во Скопје, а доктор на науки станал на Универзитетот „Мегатренд“ од Белград, Србија.
Во неговата политичка кариера и работно искуство се забележани повеќе државни функции од 2006 година. Работното искуство го стекнува од 1988 година, кога работи како стручен соработник во Судот за здружен труд Скопје – Одделение Гостивар, каде што се задржува до 1991 година. Од 1991 до 1993 е стручен соработник во Основниот суд во Гостивар. Од 1995 до 2006 година работи како адвокат. Од 2006 до 2008 бил пратеник во Собранието на Р Македонија. Од 2008 до 2017 година бил директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Претходно, од 1997 до 2002 година бил член на Советот за радиодифузија. Салиу е автор на повеќе домашни и странски публикации.
Арбен Фетаи – вицепремиер за политики и добро владеење и министер
без ресор
Фетаи е вицепремиер за политики и добро владеење и министер без ресор, доаѓа од редовите од коалицијата Вреди. Завршил специјалистички високи студии по европски студии при Институтот за европски студии во Брисел, Белгија. Има лиценца за политички науки, насока меѓународни односи при „Слободен универзитет“ во Брисел, Белгија. Говори англиски, француски и холандски јазик. Арбен Фетаи е секретар за надворешни работи на Алијансата за Албанците и шеф на кабинетот на Таравари. Во 2021 година бил координатор во Аидофондс во Белгија, а во 2022 година бил извршен директор на Институтот за јавни политики „Арбен Џафери “. Во периодот 2010-2018 година е советник во Акцијата за глобално здравје во Брисел, а од 2009 до 2010 година е секретар во работната група на Европскиот парламент за население и меѓународен развој.
Панче Тошковски – министер за внатрешни работи
Тошковски беше технички министер за внатрешни работи во последната техничка влада, а сега повторно на истата позиција во новата политичка влада на Македонија. Тошковски е магистер по кривично право и криминологија на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Има положено правосуден и адвокатски испит, а во моментот е адвокат во граѓански, имотноправни, трговски, кривични и управни спорови пред домашни и меѓународни судови.
Тошковски има долгогодишно работно искуство во државните институции. Во периодот од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на Република Македонија, а членувал во неколку комисии и работни тела. Во моментов Панче Тошковски е претседател на републичката правна комисија на ВМРО-ДПМНЕ.
Владо Мисајловски – министер за одбрана
Владо Мисајловски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е министер за одбрана во Владата на Македонија. Своето средно образование го завршил во Скопје, во СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“. Завршил на Факултетот за општествени науки – дипломатија и меѓународна политика, дипломиран дипломат политиколог на УКИМ. Пред да стане министер, Мисајловски бил вработен како помлад соработник во Кабинетот на претседателот на Собранието на Македонија. Во периодот од 13 мај 2015 до 1 јуни 2017 ја извршувал функцијата министер за транспорт и врски на Република Македонија. Во македонското собрание извршувал повеќе активности, како што е заменик-член во Националниот совет за евроинтеграции и Комисија за прашања на изборите и именувањата. Учествува и во работата на пратеничката група на Собранието на Република Северна Македонија за соработка со парламентот на Сојузна Република Германија, пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со Конгресот на САД и пратеничката група на Собранието на Република Македонија за соработка со парламентот на Француската Република.
Тимчо Муцунски – министер за надворешни работи и надворешна трговија
Тимчо Муцунски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ е министер за надворешни работи и надворешна трговија. Основното образование го почнал во Њујорк, Соединетите Американски Држави, а го завршил во основното училиште „Љубен Лапе“ во Скопје, Македонија. Средно образование има завршено во Отава, Канада. Завршил прв циклус на правни студии и дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во јуни 2009 година. По дипломирањето се запишал на постдипломски студии (правни студии од втор циклус). Магистерскиот труд успешно го одбранил на 4 јули 2011 година и се стекнал со називот магистер по право. Во 2019 година ги завршил докторските студии (трет циклус студии по правни науки) на Правниот факултет „Јустинијан Први“. Во својство на научен работник има посетено голем број странски универзитети, а во четири наврати бил предавач на пленарен панел на меѓународни конференции организирани од страна на Институтот „Хариман“ при Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, Соединетите Американски Држави. Од 2015 до 2017 година Тимчо Муцунски бил заменик-министер за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија. Од 2018 година бил избран за меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2020 година бил избран за пратеник во Собранието на Република Македонија. На 17 октомври 2021 година, за време на локалните избори, Тимчо Муцунски победил во првиот круг и станал градоначалник на Општина Аеродром. Тој ја претставувал коалицијата Обнова на Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Гордана Димитриеска Кочоска – министерка за финансии
Гордана Димитриеска Кочоска доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ на позицијата министер за финансии. Професионално била ангажирана како финансиска консултантка во областа на контрола и финансии. Нејзините претходни работни места се во Стопанска банка, во „Македонски телеком“ во секторот на даноци, во Министерство за финансии во секторот за јавен долг. Поседува обуки, професионални надградби и меѓународни сертификати од повеќе области, како што е анализа на финансиски извештаи, сметководствена аналитика, менаџирање, контрола и управување. Завршила и Академија за контрола, во Менаџмент-центар Белград, а лиценцирана од CA Akademie AG. Гордана Димитриеска Кочоска е поранешна директорка за финансии во АД ЕСМ.
Бесар Дурмиши – министер за економија и труд
Бесар Дурмиши доаѓа во Владата од коалицијата Вреди како министер за економија и труд. Дипломирал на Факултетот за економски науки при Државниот универзитет во Тетово, насока финансии и сметководство. Во периодот 2021-2022 година завршил специјалистички студии на Факултетот за економски науки при Американскиот универзитет во Скопје. Во периодот 2017-2021 година е член на Советот на Општина Тетово, а од 2021 до 2024 година е претседател на Советот на Општина Тетово.
Стефан Андоновски – министер за дигитална трансформација
Стефан Андоновски, министерот за дигитална трансформација, е роден на 17 април 1991 година во Скопје. Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Актуелно е докторанд на правни науки на Правниот факултет и магистер по меѓународни односи и меѓународна економија на Универзитетот „Џонс Хопкинс“ во Балтимор, САД. Работното искуство од 2016 до 2018 година го стекнува во „Зегин“, како советник за односи со странство. Во периодот 2018-2019 година работел како специјалист за дигитален маркетинг во УСАИД/ОТИ „Македонија супорт инисијатив 2“. Од март 2019 до март 2020 година бил проект-менаџер во маркетиншката агенција „Блок&Рол“. Од 2020 до 2024 година е раководител на истражувачкоаналитичкиот центар на ВМРО-ДПМНЕ. Од 2021 до јануари 2024 година е член на Советот на Град Скопје. Во последната техничка влада беше дополнителен министер за информатичко општество и администрација. Од декември 2023 беше демонстратор на Правниот факултет при УКИМ. Андоновски ќе биде министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Горан Минчев – министер за јавна администрација
Горан Минчев како министер за јавна администрација во Владата влегува како кандидат на коалицискиот партнер ЗНАМ. Тој е роден на 22 март 1972 година во Скопје. Минчев е дипломиран економист на Економскиот факултет при Универзитетот „Св Климент Охридски“. Првото работно искуство го стекнува од 1992 до 2002 година, кога работел како раководител на Комерцијалниот сектор во „Пивара“ – Скопје. Од 2002 до 2003 година бил заменик-директор во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје. Од 2003 до 2006 година е директор на Службата за општи заеднички работи на Владата. Од 2006 до 2008 година е генерален секретар на СДСМ. Од 2008 до 2014 година е пратеник на СДСМ во Собранието на Р Македонија. Од 2016 до 2024 е директор на „Анлимитед“ ДОЕЛ Скопје.
Сања Божиновска – министерка за енергетика и рударство
Сања Божиновска, министерката за енергетика и рударство, доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Министерството за спорт и рударство е ново министерство во составот на Владата. Во 2002 година дипломирала на Англоамериканскиот универзитет во Прага, Чешка, насока бизнис-администрација и студии по политички науки. Во 2004 година станала магистерка на науки на Универзитетот „Гронинген“, Холандија, во областа на интернационален бизнис. Од 2018 година работи како независна енергетска консултантка. Од 2002 до 2003 година работела во КПМГ Скопје, како помлада асистентка за ревизија. Во 2005-2006 година работела во „Езпада“ д.о.о. во Прага, Чешка, во Одделението за планирање, а од 2006 до 2011 во истата фирма во Чешка, во Одделот за трговија со струја. Од 2011 до 2014 година работела во групацијата „Руднап“ во Белград, Србија. Од 2014 до 2018 година работела во „Енг сервис трејд“ во Скопје.
Игор Филков – министер за правда
Игор Филков како министер за правда доаѓа од редовите на коалицискиот партнер ЗНАМ. Роден е на 7 јуни 1979 година во Скопје. Тој е дипломиран правник од Правниот факултет при УКИМ во Скопје. Од 1993 до 2003 година бил вработен во локалната канцеларија за логистика и набавка на НВО „Солидаритатес интернационал“ за Косово и Македонија. Од 2004 до 2007 година е надворешен соработник на проект на ФАО – канцеларија Скопје (Организација на Обединетите нации за храна и земјоделство). Од 2010 до 2013 година работи како консултант. Од 2017 до 2024 година е управител на „Спектрум медикал“ од Скопје. Тој е претседавач на Централниот одбор на ЗНАМ – За наша Македонија и член на Извршниот одбор.
Арбен Таравари – министер за здравство
Ова ќе биде втор мандат на Арбен Таравари како министер за здравство. Роден е во април 1973 година во Гостивар. Средно медицинско училиште завршил во Скопје, а дипломирал на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје. Специјализирал неврологија во 2006 година, а во 2011 година одбранил докторска дисертација од областа на Паркинсоновата болест. Првпат беше министер за здравство во 2017 година. Во 2016 година бил претседател на Одделот за екстрапирамидални болести при Универзитетската клиника за неврологија, а бил и член на Одборот на меѓународните медицински списанија „Медикус“ и „Вокс Медичи“. Од 2010 година е редовен предавач на Медицинскиот факултет при УКИМ. На локалните избори во 2017 година првпат стана градоначалник на Гостивар, од која позиција и доаѓа во Владата. Таравари беше претседателски кандидат на коалицијата Вреди на последните претседателски избори во Македонија. Инаку, политички Таравари ѝ припаѓа на поделената партија Алијанса за Албанците, дел од коалицијата Вреди, и сѐ уште води судски процес за лидерското место во партијата со Зијадин Села.
Златко Перински – министер за локална самоуправа
Златко Перински од ВМРО-ДПМНЕ е новиот министер за локална самоуправа. Тој е роден на 14 јануари 1983 година и е дипломиран тренер-професор на Факултетот за физичка култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. Перински е и магистер по менаџмент на човечки ресурси, а магистрирал на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Од 2009 до 2012 година бил основач и управител на „Био стем“ ДОО Скопје, претставништво на грчка банка за матични клетки. Од 2012 до 2104 година е основач на „Био сејф“ д.о.о. Белград, претставништво на германска банка за матични клетки. Од 2014 до 2017 година бил управител на СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје. Од 2021 до 2022 година беше генерален директор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје. Тој е и поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а во 2018 година стана шеф на кабинетот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Борко Ристовски – министер за спорт
Ракометарот Борко Ристовски, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде министер за спорт. Министерството за спорт е едно од четирите нови министерства воспоставени во оваа влада. Тој е роден на 2 ноември 1982 година во Скопје, а инаку е дипломиран економист на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје. Ристовски има богата и успешна интернационална спортска кариера како ракометар. На министерската функција доаѓа од менаџерската позиција како извршен директор на ракометниот клуб Вардар. Во 2017 година доби медал за заслуги за Македонија од страна на македонскиот претседател, а во 2012 година доби Орден за почесен граѓанин на Република Македонија од македонскиот претседател.
Орхан Муртезани – министер за европски прашања
Министерот за европски прашања Орхан Муртезани на оваа позиција доаѓа како дел од коалицијата Вреди, од делот на партијата Алтернатива. Муртезани има завршено Економски факултет при УКИМ во Скопје во 2009 година, а постдипломски студии завршил на Универзитетот „Мармата“ во Истанбул, Турција, во 2014 година. Од 2015 до 2017 година бил директор на Центарот за демократија и развој. Тој е соосновач и директор на „Оки транс логистик“ ДОО во периодот од 2020 до 2021 година. Муртезани е поранешен генерален директор и претседател на Управниот одбор на државната компанија МЕПСО во периодот од 2021 до 2023 година.
Фатмир Лимани – министер за социјална политика, демографија и млади
Фатмир Лимани од Беса, која е дел од коалицијата Вреди, е министер за социјална политика, демографија и млади. Тој е роден на 14 јануари 1973 година и е дипломиран професор по историја на Филозофскиот факултет при Државниот универзитет во Тетово во 2004 година. Од 2005 до 2007 година бил управител на „Голден оил“, бензинска пумпа во Кичево. Од 2010 година бил претседател на граѓанската организација „Ндрише“. Од 2007 до 2011 година бил во надзорниот одбор на државната компанија МЕПСО. Од 2011 до 2021 година бил заменик-директор и член на управниот одбор на државната компанија ЕЛЕМ. Во 2021 година бил независен кандидат за градоначалник на Општина Кичево. Од 2022 година е потпретседател на Беса. На последните парламентарни избори беше избран за пратеник.
Цветан Трипуновски – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
Трипуновски работел во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство како државен секретар. Во периодот 2015-2017 година ја извршувал и функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006 до 2008 година бил прв човек на државната фитосанитарна лабораторија. Трипуновски од 2008 до 2012 година е пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во македонското собрание, а од 2017 година е и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Бил и помлад соработник во Град Скопје. По струка е дипломиран земјоделски инженер.
Весна Јаневска – министерка за образование и наука
Весна Јаневска од ВМРО-ДПМНЕ е министерка за образование и наука во новиот владин кабинет. Таа е професорка на Медицинскиот факултет во Скопје и вработена во Институтот за патологија. Свој придонес во областа на медицината и патологијата остварила со истражувачките проекти: „Скрининг, дијагноза и постсмртно испитување на вродени дисплазии на скелетот“; „Создавање на постоперативен дијагностички и терапевтски протокол кај тумори на плунковните жлезди со користење хистопатолошки и радиолошки критериуми“; „Евалуација на ефектите од хемотерапијата кај остеосаркомите“; „Имунофенотипски и генетски профил на тумори на простата, колоректум, скелет и хронични миелопролиферативни заболувања“. Таа е член е на Лекарската комора на Македонија, Конзилиум за саркома при Медицинскиот факултет, Македонското патолошко друштво, Европското патолошко друштво, Македонското друштво за морфолошки науки и Македонското здружение на лекари. Добро ги познава англискиот, српскиот и бугарскиот јазик.
Зоран Љутков – министер за култура и туризам
Актерот Зоран Љутков од ВМРО-ДПМНЕ е новиот министер за култура и туризам. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во периодот 2006-2024 година работел во Драмскиот театар во Скопје, како актер од прва категорија. Во овој период, покрај театарските улоги, учествува и во повеќе македонски филмови и серии, како што се „Прашина “ и „Коски “. Од 2009 до 2018 година е извршен продуцент на Рациновите средби, а од 2017 до 2018 година е селектор на драмската програма на „Охридско лето“. Во периодот 2010-2013 година е уметнички директор на Драмскиот театар во Скопје. Добитник е на неколку награди и признанија, како што е наградата за најдобар млад актер на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“.
Иван Стоилковиќ – министер за односи меѓу заедниците
Иван Стоилковиќ доаѓа од редовите на Демократската партија на Србите во Македонија како министер за односи меѓу заедниците. Тој е роден во Куманово на 15 февруари 1962 година. Основното образование го завршува во родниот град, а потоа се запишува во Гимназијата „Гоце Делчев“ во родниот град. По завршување на средното образование, се запишува на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, студирајќи во политичко-правна насока. Пред да стане професионален политичар во 1992-2002, бил основач и директор на приватното градежно претпријатие, „Ламакс ко“, Куманово.
Во периодот 1986-1990 Стоилковиќ е претседател на Младинскиот совет во Куманово, а во 2001 година е избран за претседател на Демократската партија на Србите во Македонија. Во 2002 година е избран за пратеник во македонското собрание.
Подготвија: Далибор Станковиќ и Јасминка Павловска
Фотографии: Маја Јаневска Илиевска од седницата во Собранието за избор на Влада и други слободни извори