Деканот на Градежниот факултет во Скопје, Горан Марковски апелира надлежните институции што побрзо да го решат проблемот со паднатиот потпорен ѕид во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
– Не знам чија е надлежноста за ѕидот, но сметам дека е на сите оние кои се инволвирани во процесот. Треба да седнат заедно и да го решат овој проблем што побрзо – изјави Марковски во одговор на новинарско прашање во Стопанската комора.
Порача дека не е запознаен со конкретната состојба на ѕидот за да оцени дали треба да се урне и да се гради наново, но посочи дека во секој случај треба да се реагира брзо.
Уште пред 15-тина години, како што кажа, испратил лично писмо како загрижен за она што се случува во тој дел од градот и за стабилноста на објектите кои таму се градат во кое посочил дека голем дел од потпорните ѕидови не се испроектирани за да можат да носат таков зголемен товар.
– За жал тоа помина со молк од оние што беа надлежни – потенцира Марковски.