Како што пренесе и посочи агенцијата Хина, наградите „хрватско глумиште“ се нарекуваат и „театарски оскари“, а за театарските работници претставуваат посебно признание бидејќи ги наградува струката
Театарската претстава „Орестија“ од Есхил, во режија на Дејан Пројковски и во продукција на Хрватско народно казалиште во Сплит за 64-то „Сплитско лето“, е прогласена за најдобра претстава во целина на доделувањето на наградите „хрватско глумиште 2018“ на 24 ноември во Хрватскиот народен театар во Загреб. Наградата на Пројковски, на одржаната свеченост, му ја врачи Перица Мартиновиќ, претседателката на Хрватското друштво на драмските уметници, кое ги доделува наградите.
Како што пренесе и посочи агенцијата Хина, наградите „хрватско глумиште“ се нарекуваат и „театарски оскари“, а за театарските работници претставуваат посебно признание бидејќи ги наградува струката.
Управниот одбор на друштвото номинирал повеќе театарски уметници (мажи и жени) во категориите за драмска, радио и телевизиска уметност, за сценографија и костимографија; оперета и мјузикл и танцова уметност, а доделил и награда за исклучителен придонес во театарската уметност и две награди за сестрано уметничко дејствување. Наградите се доделени по 26-ти пат, а свеченоста е одржана под високо покровителство на претседателката на државата, Колинда Грабар-Китаровиќ.
Оваа свеченост се одржува на 24 ноември во спомен на истиот датум од далечната 1860 година, кога актерот Вилим Лесиќ на сцената на Народниот театар на Марковиот плоштад во Загреб, по прекин на претстава на германски јазик, а по наговарање од драмскиот писател Димитрија Деметра, рекол: „Од денеска на загрепската сцена ќе се глуми само на хрватски јазик“.
Меѓу добитниците се и сопранистката Блаженка Милиќ, наградена за придонес во оперетите и мјузиклот, но и истакнатиот актер Мустафа Надаревиќ, награден за придонес во драмата. Надаревиќ по добивањето на наградата изјави дека со ова признание се збогува со театарот на чии штици помина полни 50 години.
На програмата, пак, на годинашното „Сплитско лето“, меѓу другото, можеше да се прочита дека „оваа претстава во режија на наградуваниот македонски режисер Дејан Пројковски и во ангажирана драматургија на Јасен Боко, денешната „Орестија“ проговорува за низа морални проблеми со кои се среќава современото општество во кое мотивот на божицата Хибрис – ароганцијата, недостигот од морални скрупули и елементарната човекова понизност се секојдневие. Есхиловите морални дилеми, кои ги анализира оваа крвава трагедија, се дилеми и на денешниот свет, кој за разлика од етичкиот состав на античка Грција, не учи од своите грешки – казната ретко ги стигнува моќниците, а моралната одговорност едвај и да постои…“