Додека од Брисел во екот на изборите за Европскиот парламент беа испратени изјави дека се подотвора прозорецот за европска интеграција на Молдавија и на Украина, за Западен Балкан нема некои оптимистички најави. Напротив, најавена е сезона на нови вета! Во моментов Македонија има „чисто вето“ од Бугарија, има „вето во најава“ од Грција за наводно непочитување на Преспанската спогодба, потоа, Албанија доби вето од Грција, а најновата закана дојде од Софија за Србија

ЕВРОПСКАТА ПЕРСПЕКТИВА ЗА БАЛКАНОТ ДОБИ СВОЈА АЛТЕРНАТИВА: КАНОНАДА ОД ВЕТА!

Деновиве белградски „Блиц“ со наслов „Бугарска диверзија против Србија“ пишува за изјавата на бугарскиот претседател Румен Радев, кој рекол дека „Бугарија можеби ќе ја преиспита поддршката за Србија на патот кон ЕУ“. Ваквиот тип изјава и тоа како е познат кај нас во Македонија! Мирисот на вето веќе се чувствува. Во обландата на „преиспитување на поддршката“ е спакувана една горчлива закана со порака: „Не сме задоволни од тоа како ги почитувате малцинските права на Бугарите“.
Во Србија оваа изјава е примена со недоумица, па дури и како своевиден шок во Белград и во Србија. Зошто ваков пресврт на политиката на Софија?

Радев: Главен критериум според кој ќе даваме поддршка за напредокот на земјите од Западен Балкан е положбата на нашите сонародници во секоја земја (?!)

– Главен критериум според кој ќе судиме и ќе даваме поддршка за напредокот на земјите од Западен Балкан е токму положбата на нашите сонародници во секоја земја, условите за економски и општествен развој и пред сѐ нивната способност да ги бранат својот национален идентитет, јазик, култура и историско паметење – објаснува бугарскиот Претседател Румен Радев.
Ако ги погледнеме двете вета од Грција и од Бугарија, и двете се однесуваат на положбата на малцинствата – бугарското во Македонија и грчкото во Албанија. Значи, во најава е и трето вето, пак за положбата на бугарското малцинство, овој пат во Србија. Ако некој сега и ги постави прашањата за положбата на македонското национално малцинство во Бугарија и во Грција или, пак, за албанското во Грција, тоа нема да наиде на поволен одглас во Европската Унија. Тоа е табу-тема. Едноставно, како што нотирале експерти за човекови и малцински права, прашањата со малцинствата не е некоја релевантна тема во ЕУ. Затоа, пак, нејзини членки можат да си играат „со камшикот или со морковот“ на периферијата на Унијата и да бараат нешто што самите тие членки не сакаат да го овозможат.
– Европа може да се нарече и континент на малцинства, затоа што околу 35-40 милиони живеат како малцинства во државите на Европа. И покрај тоа што тоа е огромна бројка, сепак малцинските права немаат третман на доминантна тема во ЕУ, вели еден експерт, кој одлично ги познава случувањата во Стразбур, центар на човековите права во Европа.

Грција и Бугарија со повластен статус на Балканот

Ако е тоа така, тогаш се поставува прашањето како Грција и Бугарија добиле своевиден повластен статус на Балканот? Дали тие всушност играат една вешта, па и перфидна игра во име на Брисел, а тоа е да бидат „продолжената рака“ на Унијата во блокада на процесот на проширување. Добрососедските односи се никогаш завршена приказна, но и добро алиби за земјите кандидати за членство да бидат постојано блокирани на интегративниот процес. Аналитичарите притоа јасно ги раздвојуваат интегративните процеси во НАТО и во ЕУ. Ако Србија цврсто стои на позицијата дека не сака во НАТО, тогаш за Македонија е јасно дека излезе повеќе како територијален плен отколку како вистински подадена рака на воената алијанса. Оти јасно е под какви услови и со какви маневри Македонија влезе во НАТО. А и пред да стане членка, Македонија даде многу за НАТО и за регионалната безбедност.
Еден од нашите соговорници, Страшо Ангеловски лидер на МААК, е уверен дека Бугарија и Грција се истурените играчи, но не само на ЕУ туку на големите сили, особено на Велика Британија. Според него, ние сме сведоци на драматични геополитички промени.
– Не исклучувам дека светот влегува во ревизија на стари договори. Тоа го најави и американскиот претседател Џо Бајден. Мислам дека ќе дојде до ревизија на Договорот од Вестфалија (со кој е постигнат мир во средна Европа), како и на други стари договори – истакнува Ангеловски.

Следува суштинска мобилизација за зачувување на националните интереси

Повеќе од очигледно е дека новите власти одамна, уште како опозиција, ги имаат проанализирано мошне длабоко тектонските поместувања на геополитиката, што динамично го зафаќа и нашиот регион. Тие најавија дека „веќе нема да се оди боси по трње, кога е во прашање Спогодбата за добрососедски односи и ултимативните барања на Бугарија“.
Темата за промена на Уставот и влез на Бугарите, најверојатно ќе се актуализира кога Македонија и ЕУ ќе го отворат првото поглавје, но не се исклучува сето тоа да биде под услов процесот да се комплетира кога Македонија ќе стане членка на Унијата. Дали на ова треба да се гледа како на мобилизација за зачувување на националните интереси? Секако да, но можеме да очекуваме и порадикални чекори од наша страна пред сѐ предизвикани од случувањата во регионот.
Според нашите соговорници, она што сега ќе следува се анализите дали Вашингтон со голема сериозност ги прочитал првите негативни реакции на Преспанската спогодба од новата власт во Македонија? Администрацијата на Бајден за сите што ги напаѓаат тие договори има востановено своја специфична алатка – ги става на црна листа и следуваат санкции. Но во период кога се очекуваат сега и слични потези како од српските и од албанско-косовските лидери, нормално би било Македонија да се мобилизира и да се праша – што постигнавме, а што загубивме со Преспанската спогодба и со Договорот со Бугарија, кои не се никаков гарант на македонскиот територијален интегритет, ниту, пак, гарантираат членство во ЕУ.


Белград прочита опасна закана од Софија по својот територијален интегритет и инстантно реагираше

Викендов се случи настан што нема да остане незабележан и во регионот, но и во ЕУ, како и во некои центри на моќ. Имено, тоа е Сесрпскиот собор одржан во саботата во Белград. „Еден народ, еден собор – Србија и Српска заедно“ е пораката испратена од српскиот главен град, која не смее да се гледа само како внатрешно прашање.
– Денес е важен ден од многу причини. Ние Србите често не сме свесни за историски и значајни настани. Се сеќаваме на тоа дури по неколку децении. И ова е важен ден од многу причини. Денеска беше постигнат договор за српско единство, кое нема да трае еден ден, два или три месеци, туку ќе трае вечно – рече Вучиќ во присуство на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и највисоките претставници на Србија и Српска.
Дали изјавата на Радев дека Србија ќе добие бугарско вето беше темпирана токму поради Сесрпскиот собор? Може да се анализира и од тој аспект, но факт е дека токму ЕУ ги заглави Балканот и неговата европска перспектива. Србија дури отвори и неколку поглавја, но вистински напредок нема. Македонија и Албанија се уште поназад и причината може да се гледа токму во спрегата меѓу Брисел, Софија и Атина.
Аналитичарите во Белград се сомневаат дека зад малцинските права во заканата на Софија всушност гледаат некои други апетити на Бугарија. Кои би биле тие? На пример Бугарија за свој национален ден го прославува 3 март, а тоа е токму Санстефанскиот договор постигнат меѓу царска Русија и Отоманската Империја близу Истанбул со кој Бугарија на хартија доби огромни територии, а најмногу ѝ доделија од Македонија. Дали и Белград прочита опасна закана по својот територијален интегритет?
Исто така, можеме легитимно да го поставиме прашањето зошто Европа не извршила притисок Бугарија да го тргне 3 март како свој национален празник, особено што зад него стои токму Русија, прогласена за најголем непријател на европскиот суверенитет, безбедност, вредности инт.? Особено што со тој датум Бугарија јавно кажува дека има територијални претензии.


Потсетување на Санстефанскиот мировен договор

Тоа е договор помеѓу Руското Царство и Отоманското Царство склучен на крајот од Руско-турската војна (1877-1878). Бил потпишан на 3 март 1878 во Сан Стефано (Јешилќој), село западно од Истанбул од Николај Игнатјев и Александар Нелидов за Руското Царство и министерот за надворешни работи Сафет-паша и амбасадорот во Германија Садулах-беј од страна на Отоманското Царство. Со договорот всушност се воспоставила санстефанска Бугарија како независна држава. Со договорот се воспоставува автономна област во рамките на Отоманското Царство со широки овластувања, христијанска управа и право на сопствена армија. Оваа територија го опфаќа просторот помеѓу Дунав и планинскиот масив Стара Планина, регионот на Софија, Пирот и Врање во долината на Морава, Северна Тракија, делови на Источна Тракија и речиси цела Македонија (член 6 од договорот).

Христо Ивановски