Инцидент при одбележувањето на патрониот празник на ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга
Повод за немилиот настан во струшкото основно училиште „Браќа Миладиновци“, како што дознавме од присутни на свеченоста, претставувало обраќањето на директорката на училиштето Албана Жута, која по потекло е од Валона, Албанија, при што таа на албански јазик пред присутните истакнала како училиштето треба да го врати името „Лирија“ од периодот на Втората светска војна и окупацијата на фашистичките колаборационисти „Бали комбтар“, згора порачувајќи и оти треба „да се вратат на патиштата што тогаш биле зацртани“, што претставува алузија на територијални претензии кон Македонија. Во тој контекст биле спомнувани и албанските називи на повеќе македонски градови и други топоними, што исто така упатува на шовинистичка и сепаратистичка заднина на инцидентот
Одбележувањето на патрониот празник на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга денеска се претвори во сериозен инцидент со запалива реторика со политичка конотација што ги загрозува меѓуетничките односи, наместо да ги слави културата, богатата традиција и соживотот во образовната институција со 50-годишно постоење. Повод за немилиот настан, како што дознавме од присутни на свеченоста, претставувало обраќањето на директорката на училиштето Албана Жута, која по потекло е од Валона, Албанија, при што таа на албански јазик пред присутните истакнала како училиштето треба да го врати името „Лирија“ од периодот на Втората светска војна, згора порачувајќи и оти треба „да се вратат на патиштата што тогаш биле зацртани“, што претставува алузија на територијални претензии кон Македонија. Во тој контекст биле спомнувани и албанските називи на повеќе македонски градови, што исто така упатува на политичка заднина на инцидентот.
Учениците наместо на настан за чествување на ликот и делото на браќата Миладиновци, присуствувале на „лекција на големодржавен шовинизам“
Говорот на Жута предизвикал негодување кај македонските наставници кои се обиделе да го прекинат изнесувањето на исполитизирани, па и шовинистички ставови пред колективот и учениците, по што како контрареакција грубо и насилнички истапиле и нивни колеги, професори Албанци. Притоа дошло до тензии и закана од меѓусебна физичка пресметка.
Одбележувањето на патронатот на тој начин било прекинато на очиглед на присутните деца кои биле видно вознемирени, наместо да присутвуваат на чин што ќе ги слави ликот и делото на македонските преродбеници.
– Директорката Жута, која по потекло е од Валона и воопшто не го познава македонскиот јазик, во говорот на албански истакна дека училиштето треба да го врати името „Лирија“ од времето на Втората светска војна, како и дека треба да се вратат на патиштата зацртани во тој период, спомнувајќи ги албанските називи за повеќе македонски градови. Ова предизвика незадоволство меѓу македонските наставници кои се обидоа да го прекинат говорот, а потоа дојде и до тензии и физичка пресметка со колегите Албанци, со што беше прекината свеченоста. Страшно е што сето ова се случи во присуство на децата кои беа видно вознемирени – вели извор од струшкото училиште кој бил присутен на денешната свеченост, но сакаше да остане анонимен заради стравување од закани и физички напади врз него.
Одбележувањето на патрониот празник во основното училиште „Браќа Миладиновци“ било продолжено по инцидентот со интонирање на државната химна и со рецитал на песната „Тешкото“ од Блаже Конески од страна на учениците, откако се вратиле во школските простории. Но, истовремено се наметнува размислувањето дека грубата и дрска злоупотреба на свеченоста во струшкото училиште има политичка заднина, чија цел е преку осмислено сценарио да се всади идејата за „голема Албанија“ и да се вознемири мултиетничкото македонско општество. Инцидентот во меѓувреме е пријавен во полиција, при што се очекува Министерството за внатрешни работи да реагира соодветно, да го расчисти и да ја информира јавноста.
Не е првпат да се кршат Уставот, законите и позитивните прописи во државава, во Струга и во Струшко
На случувањата во училиштето „Браќа Миладиновци“ реагираше и иницијативата за граѓанско будење „Разбуди се“ со соопштение упатено до јавноста преку социјалната мрежа Фејсбук, во кое се посочува дека гореспоменатата директорка Жута „најпрво го забранила интонирањето на државната химна со образложение дека тоа ќе ги навредело чувствата на Албанците во училиштето, а потоа во излагањето направила историски вовед за образовната институција, чии корени ги лоцирала во 1941 година кога балистичката окупаторска власт присилно го наметнала изучувањето на албанскиот јазик за неалбанското население во Струга“.
За жал, слични инциденти што директно ги нарушуваат меѓуетничките односи и внесуваат немир меѓу децата, се случија во неколку наврати во училишта низ Македонија во текот на изминатата година. На Денот на албанското национално знаме што се одбележува и во земјава, покрај знамето на друга држава, осамнаа мапи на голема Албанија на ѕидовите на неколку основни училишта во земјава, меѓу кои во „Гоце Делчев“ во Подгорци, како и во ОУ „Браќа Миладиновци“ во струшко Калишта. А истовремено беше пријавено дека ученик во општинското средно училиште „Јовче Тесличков“ во Велес истакнал знаме на Албанија во училишниот двор.
Сѐ поретки се позитивните примери
Ваквите непромислени постапки што доведуваат до инциденти, ги засенуваат и позитивните примери забележани меѓу децата, кои низ заедничка дружба покажуваат како треба да живеат различните етнички заедници во Македонија. Во прилог на ова сведочи и однесувањето на децата на настанот „Враќање во иднината“ одржан изминатиот викенд во креативниот центар „Бруталиск“ во Скопје, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“ – канцеларија Скопје, во соработка со Форумот за разумни политики и центарот за едукација и уметност „Хана“, каде што познати и еминентни ментори заедно со 40 средношколци од различни градови низ државата работеа на креативно изразување на ставовите на младите луѓе преку видеа, графити, музика и облека.
Учесниците на настанот во Скопје меѓусебно се дружеле и соработувале, при што дете од албанска националност што не зборува македонски, било охрабрено од преостанатите деца да комуницира на јазик што тој го познава, со што отворено биле прифатени различностите меѓу нив. Проектот „Враќање во иднината“ има цел токму да им овозможи на средношколците од различни училишта во земјата преку креативен израз да ги искажат своите ставови кон општествено-политичките случувања и околностите во кои го живеат своето секојдневие. С.Н.М.