Најверојатно во четврток претседателката на државата Гордана Силјановска Давкова ќе му го додели мандатот за формирање нова влада на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, информираат за МИА партиски извори. Рокот за доставување на мандатот завршува на 7 јуни, откога почнува да течат дваесетте дена за формирање влада.
Претседателката Силјановска Давкова денеска за медиумите изјави дека можно е и порано да го додели мандатот за формирање нова влада.
– Можно е и порано да се додели мандатот. Се зависи од ситуацијата. Уставот вели 10 дена и потоа 20 дена за да се состави владата. Јас ќе ги проучам термините – рече Силјановска Давкова во одговор на прашање пред почетокот на панел дискусијата „Европската Унија како предизвик и предизвиците на Европската Унија: Европа 74 години после Шумановата декларација” во организација на Фондацијата Конрад Аденауер и Европското движење.
ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ сѐ уште разговараат за формирањето нова влада, иако поделбата на ресори веќе се е објавена, а неофицијално се споменуваат и имиња на новите министри. Сепак, сѐ уште нема официјална информација кога ќе биде финализиран конечниот договор за формирање влада. Она што е јасно е дека доколку Силјановска Давкова на 6 јуни го додели мандатот, 20 дена за формирање Влада ќе бидат на 25 јуни. Партиски извори за МИА, велат дека Собранието би можело и порано да ја изгласа новата влада.
Во Собранието се прават подготвки за измени на новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада и да бидат избрани нејзините членови. Имајќи предвид дека измените треба да го минат собранискиот филтер, денеска Комисијата за прашања на изборите и именувањата го изгласа составот на Комисијата за политилки систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно – правната комисија. Но, за да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство, кое според сегашната математика мнозинството го нема.
Исто така, можни се и измени на Законот за локална самоуправа и Изборниот законик, за да се најде преодно решение, да не се распишуваат избори само за неколку месеци мандат односно до одржувањето на локални избори во целата држава наредната година, во оние општини каде градоначалници веќе станаа пратеници и ќе станат министри. За измените на овие системски закони потребно е двотретинско мнозинство.
По вчерашната прва координација на претседателот на Собранието Африм Гаши со координаторите на пратеничките групи, неговиот Кабинет соопшти дека до крајот на работната недела би можело да се очекува да биде свикана седница за верификација на уште преостанатите два пратенички мандати.