Со дефицит во владеењето на правото, Македонија не може да си дозволи неодговорен Уставен суд

  • Состојбата на Уставниот суд без претседател едноставно ја блокира функционалноста на судот, бидејќи нема кој да ги закаже седниците, зашто нема заменик. За ваквото однесување на уставните судии секако треба да има одговорност, на која би можело да повика Собранието, односно Комисијата за избори и именувања
  • Доколку навистина имаат совест, уставните судии, како чин токму на својата совест, би требало самите да поднесат оставки. Потоа Собранието да распише избор за нови судии и за еден месец може да биде избран нов состав на Уставниот суд
  • Правните експерти по „необичната“ ситуација со повеќекратните прегласувања за избор на претседател на Уставниот суд сметаат дека Македонија, за која во голем број меѓународни извештаи се нагласува дека е земја со дефицит во владеењето на правото, не може да си дозволи да го трпи товарот на неодговорни луѓе што не се достојни да ја извршуваат улогата што им е доверена, и тоа со деветгодишен мандат. Според експертите, односот што го манифестираат уставите судии при избор на претседател само навестува дека тоа ќе се пресликува и понатаму во носењето одлуки при оценување на уставноста и законитоста на предметите што не им се завршени, но и новите што ќе им бидат доставени

По шест обиди со повторени гласања за претседател на Уставниот суд, уставната судијка Ана Павловска-Данева се повлече од процесот на избор, но тоа сепак не успеа да ја реши три-четиридневната неизвесност на создадената ситуација. И покрај повлекувањето на Павловска-Данева, нејзината противкандидатка Татјана Васиќ Бозаџиева во седмото прегласување не успеа да добие шест гласа, односно двотретинско мнозинство од деветте судии на Уставниот суд.
Драматичниот „заплет“ со избор на претседател на Уставниот суд се случи со истекот на тригодишниот мандат на досегашната претседателка Добрила Кацарска. Откако на 2 јуни престана мандатот на Кацарска и откако имаше седум неуспешни обиди за избор, Уставниот суд веќе практично е без претседател.
Според неофицијални информации што се појавија во јавноста по седмиот неуспешен обид за избор на претседател на Уставниот суд, во наредниот круг ќе се пристапи со гласање за нов единствен кандидат. Исто така, неофицијално, се наведува дека уставниот судија Осман Кадриу ќе се обиде да ја добие двотретинската поддршка од своите колеги.

Процедурата за избор на претседател на Уставниот суд е тој да се избира на седница, од редот на судиите со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, со тајно гласање. Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд. Предлогот за кандидат за претседател на Уставниот суд го утврдува комисија од тројца судии избрани со мнозинство од вкупниот број суди. Ако кандидатот не го добие потребното мнозинство гласови, според Деловникот за работа, тајното гласање ќе се повторува сѐ додека не биде избран нов претседател со потребното мнозинство. Мандатот на претседателот на Уставниот суд е три години, без право на реизбор.
Актуелниот состав на деветтемина судии на Уставниот суд го сочинуваат: Насер Ајдари, Добрила Кацарска, Осман Кадриу, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ Бозаџиева, Елизабета Дуковска, Јадранка Дабовиќ Анастасовска и Ана Павловска-Данева.
Доколку продолжи неизвесноста со избор на претседател на Уставниот суд, експертите сметаат дека оваа највисока правна институција ќе навлезе во уставноправна криза, што практично ја зафаќа и државата, особено во време кога нема избрана политичка влада, односно е во процес на формирање по изборите одржани речиси пред еден месец.
– Во Уставот и во законот не е предвиден механизам за решавање на ваква мошне недостојна ситуација при избор на претседател на Уставниот суд. Нема предвиден механизам во Уставот, законите и деловникот, зашто се сметало на совеста, интегритетот, одговорноста и професионалноста на личностите, кои би требало да го заслужат своето место во оваа највисока правна институција во државата, со веќе докажани резултати во своите кариери, како и поседување на наведените квалитети. Но ваквиот однос на уставните судии при изборот на претседател на Уставниот суд, со голем број неуспешни гласања, покажува голема неодговорност спрема должноста што им е доверена – чувари на уставноправниот поредок на државата. Македонија, за која во голем број меѓународни извештаи се нагласува дека е земја со дефицит во владеењето на правото, не може да си дозволи да го трпи товарот на неодговорни луѓе што не се достојни да ја извршуваат улогата што им е доверена, и тоа со деветгодишен мандат.

Односот што го манифестираат уставите судии при избор на претседател само навестува дека тоа ќе се пресликува и понатаму во носењето одлуки при оценување на уставноста и законитоста на предметите што не им се завршени, но и новите што ќе им бидат доставени. Состојбата на Уставниот суд без претседател едноставно ја блокира функционалноста на судот, бидејќи нема кој да ги закаже седниците, зашто нема заменик. За ваквото однесување на уставните судии секако треба да има одговорност, на која би можело да повика Собранието, односно Комисијата за избори и именувања. Доколку навистина имаат совест, уставните судии, како радикален чин на својата совест – би требало самите да поднесат оставки, Собранието да распише избор за нови судии и за еден месец може да биде избран нов состав на Уставниот суд – вели Дане Илиев, поранешен претседател на Врховниот суд.
Ваквата ситуација со избор на претседател на Уставниот суд, сепак, не е преседан. И во минатото имало ваков случај, но гласањето не се повторувало повеќе од два дена. Уставните експерти од академската средина, професори по уставно право, сметаат дека сепак од ситуацијата со избор на претседател на Уставниот суд, иако е навидум несоодветна за значењето и одговорноста на оваа правна институција, не треба да оди со екстремни претпоставки за уставноправна криза во државата. Што се однесува до функционалноста на судот без претседател, во деловникот сепак има предвидено можност за одржување на седниците, со тоа што судиите би се договориле за претседавач само за одредена седница.


Во Уставниот суд никој никому не му верува

По осум круга гласање, вчера ниту уставниот судија Осман Кадриу не доби доволен број гласови за да стане претседател на Уставниот суд. Мандатот на Добрила Кацарска како претседателка на судот измина пред два дена. Вчера претпладнето без победник заврши гласањето за Татјана Васиќ Бозаџиева и за Ана Павловска-Данева, а потоа судијката Павловска-Данева ја повлече својата кандидатура.
– Со цел да не се доведе државата во уставна криза, се повлеков и побарав судот да гласа во согласност со принципот на меритократија, односно исклучиво во согласност со професионалните квалификации и менаџерските капацитети на кандидатите – изјави вчера Павловска-Данева по седмиот неуспешен обид за избор на претседател.
Покрај Осман Кадриу, можни кандидати за претседателската функција се и Насер Ајдари, Дарко Костадиновски, Фатмир Скендер, Елизабета Дуковска и Јадранка Дабовиќ Анастасовска.
Секој судија може да предложи кандидат за претседател на Уставниот суд.