Фото: Нова Македонија

Научна расправа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ):

Академиците истакнуваат дека во согласност со Мастришките критериуми и Законот за буџети, јавниот долг не смее да надмине 60 отсто од БДП. Но границата веќе е пробиена, па сега се поставува прашањето дали е одржлив, дали и колку се почитуваат донесените правила и дали има контрола како се трошат буџетските средства

Забрзување на економскиот раст и развој, продолжување на евроинтеграцискиот процес и борба против корупцијата се трите клучни приоритети на кои треба да се фокусира новата влада, истакнаа академиците на научната расправа во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) за макроекономијата по рецесијата од 2007 – 2009 година. Тие коментираа дека ова се основните приоритети и се сосема добро профилирани или ставени на маса високо во агендата на програмата на идната влада.

Академик Фити: Нема макроекономска и финансиска стабилност без дисциплинирана фискална политика

Академикот Таки Фити вели дека не може да се одржи висока ценовна, макроекономска и финансиска стабилност без дисциплинирана фискална политика. Новата влада, според него, мора да води сметка за тоа. Тој порача дека мора да продолжат и реформите, а треба и да се отвори широк фронт на борба против сивата економија. Во однос на инфлацијата, додаде дека монетарната и фискалната политика мора да се координираат.
– Ако има фискална недисциплина и ако буџетот троши многу, нема централна банка што може да ја спречи инфлацијата. Ние тука имаме проблем – големи буџетски дефицити поради кризата, големи трошења, зголемување на просечната и минималната плата надвор од движењата на продуктивноста, голема увозна зависност и поголема инфлација во однос на земјите од регионот – вели Фити.

Според него, буџетот е во тешка ситуација, имаме висок долг, треба да се отвори широк фронт на борба против сивата економија.
– Таму има огромен потенцијал да ги зголемиме буџетските приходи за да може Владата полесно да управува со фискалната политика, а тоа може да ја олесни координацијата со монетарната политика – истакна Фити.

Тој укажа дека сѐ што се случува надвор, на макроекономски план има големо значење и висока релевантност за земјава.
– Клучните предизвици за македонската економија се поврзани со она што се случи по кризата од 2007 – 2009 година. По оваа криза следуваа нови удари и падови. Кризата од 2007 – 2009 година во ЕУ се трансформираше во должничка криза, а потоа и во криза на еврото. ЕУ е битна за нас зашто е наше релевантно подрачје на увоз и извоз, но и курсот на денарот е врзан со еврото. Следуваше ковид-19 што направи големо затворање и на сето тоа се надоврза енергетската криза. Македонија по 2008 година го изгуби фискалниот простор. До 2007 година имавме учество на јавниот долг во БДП околу 23 отсто, па за пет-шест години дојдовме на 26 отсто. Денес, како резултат на двете кризи, над 60 отсто е учеството на јавниот долг. Прашањето е дали и колку е одржлив, што треба да правиме за да стане одржлив и кои фискални правила се применуваат – спомена Фити.

Долгот да не биде поголем од 60 отсто, буџетските дефицити да се сведат на два-три отсто

Тој посочува дека Фискалниот совет треба да контролира како се трошат буџетските средства, дали и колку се почитуваат основните буџетски правила – долгот да не биде поголем од 60 отсто, буџетските дефицити да се сведат на два-три отсто, за пет-шест години да дојдеме до нормално ниво на задолженост.
Како што вели академикот Фити, монетарната политика нема голема зависност.
– Врзани сме со централната банка, но тука има многу сериозни прашања. Кога се јави енергетската криза, инфлацијата во светски размери се зголеми, каматните стапки пораснаа секаде, па и кај нас. Сега има големи дилеми кога ќе почнат да се намалуваат каматните стапки, што е битно за бизнисот и за заживување на економијата. Американската централна банка е во големи тензии, тие имаат речиси 5,5 референтна каматна стапка, бизнисот таму очекуваше годинава да се намали за 1,5 процентен поен и да дојде до 4, но најавите се дека нема да се намали повеќе од 0,5 отсто. Европската централна банка рече дека ќе почне со намалување, но и оттаму се плашат да не проработи инфлацијата повторно. Ако тие почнат со намалување, нормално дека нашата Централна банка ќе го следи тоа. Од тоа што се случува таму зависи каква ќе биде и нашата монетарна политика – потенцира Фити.

Научната расправа на темата „Макроекономијата по Големата рецесија 2007 – 2009 година – релевантноста на промените за економската наука и за македонската економија“ ја организира центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ. К.М.