Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски засега нема да повика дополнителен фудбалер, информираат од ФФМ
ФУДБАЛ
Капитенот на македонската сениорска фудбалска репрезентација, Енис Барди, поради повреда добиена на последниот натпревар за својот клуб Трабзонспор, не е во можност да ѝ биде на располагање на македонската репрезентација за натпреварите против соодветните селекции на Хрватска и на Чешка.
Истегнување на лигаментите на зглобот на десното рамо е повредата добиена на мечот од последното коло во турското првенство, која го спречи македонскиот репрезентативец да биде дел од подготовките и контролните натпревари што следуваат за црвено-жолтите.
– Барди веќе ја почна рехабилитацијата, но, за жал, не е во можност да биде дел од тимот на Македонија за натпреварите на 3 јуни во Риека против Хрватска и на 10 јуни против Чешка во Храдец Кралове. Селекторот на македонската репрезентација Благоја Милевски засега нема да повикува дополнителен фудбалер како замена за повредениот Барди – информираат од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Сениорска фудбалска репрезентација во понеделникот на терените на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје ги започна предвидените мини-подготовки за двата пријателски дуела, кои наедно ќе се искористат и како подготовка пред настапите во Лигата на нации (ЛН), кои ќе започнат во септември годинава.
На првиот тренинг не се појавија стандардните репрезентативци Столе Димитриевски, Стефан Ашковски, Александар Трајковски, Дарко Велковски, Дамјан Шишковски и Ѓоко Зајков, кои до неодамна имаа обврски во своите клубови во кои настапуваат, но се очекува веќе од денеска сите да бидат присутни на тренинзите. Г.И.