Тадеј Погачар

ВЕЛОСИПЕДИЗАМ – ЏИРО Д’ИТАЛИЈА
Прва победа на Санчез, без промени на врвот

Пелајо Санчез од Шпанија ја обезбеди својата прва етапна победа на велосипедската грантур-трка Џиро д’Италија освојувајќи ја шестата етапа на трката околу Италија. Двократниот шампион на Тур де Франс, Тадеј Погачар од Словенија го задржа водството во генералниот пласман шести ден по ред, со 46 секунди пред второпласираниот Герент Томас од Велика Британија. Вчерашната седма етапа беше индивидуален хронометар од 38,5 километри од Фолињо до Перуџа, која на крајот содржи искачување од 6,6 километри, пишува „Би-би-си“. Генерален пласман по шест етапи: Погачар, Томас (плус 46 секунди), Даниел Мартинез (плус 47 сек.), Сиан Уијтдеброкс (плус 55 сек.), Ајнер Рубио (плус 56 сек.)… Н.М.


ТУРНИР ВО ВАРШАВА ВО ЗАБРЗАН ШАХ

Карлсен и Ји водат по шест кола

По вториот ден и одиграни шест кола на турнирот во Варшава (Полска) во забрзан и во брз шах светскиот шахист број еден, Магнус Карлсен и Веи Ји од Кина го делат водството со по осум бода на три кола пред крајот на турнирот во забрзан шах (времето за размислување 25 минути, плус 10 секунди по секој потег).
Ји ги доби сите три меча во вториот натпреварувачки ден, а Карлсен освои пет поени од шест можни (се добиваат два поени за победа и еден за реми), пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ). На третото место, израмнети се Кирил Шевченко и Рамешбабу Прагнананда со по седум бода, по шест имаат Нодирбек Абдусаторов, Гукеш Д и Арјун Еригаиси, пет освои Јан Кжиштоф Дуда, четири има Винсент Кејмер, а три Аниш Гири.
Со овој турнир почна Големата шаховска турнеја за 2024 година и тој е првиот од трите брзински шаховски настани. Турнирот во забрзан шах има девет кола, а потоа ќе се играат 18 рунди во брз шах, за вкупно 135 меча во текот на пет дена, пишува на официјалната интернет-страница на Големата шаховска турнеја. Н.М.