Условите беа добри и имаше голема енергија од публиката. Сезоната во сала не беше добра колку што би сакал, така што денес имав оган во мене. Навистина сакав да покажам што можам да направам, рече Дуплантис, кој прескокна 6,24 м на митингот во Ксијамен (Кина), со што сезоната во Дијамантската лига почна како што заврши минатата сезона, со светски рекорд на Дуплантис
АТЛЕТИКА – ПО ОСМИОТ СВЕТСКИ РЕКОРД ВО СКОК СО СТАП
Условите беа добри и имаше голема енергија од публиката. Скокот од шест метри навистина помина добро и мислев дека се на дофат 6,24 метри. Само што помислив дека ќе го остварам мојот најдобар скок, и тоа се случи. Мислам дека има уште поголеми височини во мене, изјави шведскиот атлетичар Мондо Дуплантис откако осми пат постави светски рекорд во скок со стап, со прескокната височина од 6,24 метри на митингот од Дијамантската лига во Ксијамен (Кина), пишува Светската атлетика (СА).
Сезоната на Дијамантската лига почна како што заврши минатата сезона, во Јуџин, со светски рекорд на Дуплантис. Во финалето на Дијамантската лига минатиот септември Швеѓанецот прескокна 6,23 метри, што беше негов седми светски рекорд. Тој сезоната во сала ја заокружи со скок од 6,05 метри, висината со која ја задржа светската титула во сала минатиот месец во Глазгов, пишува СА. Во саботата, по скоковите од 5,62, 5,82 и од шест метри во првите обиди, Дуплантис ја крена летвичката директно на 6,24 метри, седум сантиметри повисоко од неговиот прв светски рекорд, во Торун, пред четири години.
– Сезоната во сала не беше добра колку што би сакал, така што денес имав оган во мене. Навистина сакав да покажам што можам да направам – рече Дуплантис, додавајќи го Ксијамен на мапата со места на кои постави глобални рекорди, по Торун, Глазгов, Белград (двапати), Јуџин (двапати) и Клермон-Феран, пишува СА. Н.М.
СВЕТСКИТЕ РЕКОРДИ НА ДУПЛАНТИС ВО СКОК СО СТАП
МЕТРИ ГОДИНА МЕСТО
6,17 2020 Турин
6,18 2020 Глазгов
6,19 2022 Белград
6,20 2022 Белград
6,21 2022 Јуџин
6,22 2023 Клермон-Феран
6,23 2023 Јуџин
6,24 2024 Ксијамен