Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во машка конкуренција моментниот резултат во финалната серија помеѓу Струмица 47/72 и Штип УГД е 1-1

Работнички Скопје третпат во низа шампион

ОДБОЈКА – ПРВЕНСТВО НА МАКЕДОНИЈА ЗА ЖЕНИ

Одбојкарките на Работнички Скопје и понатаму доминираат во македонската женска одбојка, откако третпат во низа го освоија шампионскиот пехар во првенството на Македонија. Во третиот натпревар од финалето скопјанки триумфираа на гостувањето кај Струмица со 3-0 (25-23, 28-26, 25-19) и на тој начин ја затворија низата до три победи, колку што им беа потребни за конечен триумф. Тамара Стојанова беше најефикасна кај шампионките со 14 поени, а Душка Здјелар од Струмица забележа 18.
Струмичанки влегоа во финалната серија со предност од еден натпревар на домашен терен, со подобар меѓусебен резултат и со освоен Куп на Македонија, но Работнички Скопје оствари две победи на гостински терен и четврти пат од 2019 година досега се искачи највисоко на победничкиот пиедестал во одбојкарската лига на Македонија. Во тој изминат период Работнички Скопје не беше првак само во 2021, кога двојната круна ѝ припадна на екипата на Јанта волеј од Скопје.
Во финалето кај мажите, пак, одбојкарите на Штип УГД успеаја да израмнат во финалната серијата против Струмица 47/72, откако по поразот во првиот меч, го добија вториот на свој терен со 3-1 (30-28, 17-25, 25-20, 25-21). Освојувачот на годинашниот Куп на Македонија ја искористи таа предност, а тоа значи дека во трката за титулата ќе има уште најмалку два меча, односно една од екипите треба да оствари три победи. Третиот дуел се игра денеска (од 19 часот, пренос на МРТ 3), а домаќини се струмичани. Г.И.


БОКС – ЕП ВО БЕЛГРАД
Исени денеска се бори за медал

Македонскиот репрезентативец Арјан Исени (категорија до 80 кг) денеска во четврт-финалето ќе се бори за најмалку бронзен медал на Европското првенство (ЕП) во бокс, во Белград (Србија), а негов противник е Србинот Растко Симиќ. Претходно Исени забележа две победи, над Михаил Цамалидис (3-2) од Грција и над Рафаел Ховхансијан (3-2) од Ерменија. Вториот македонски претставник на ЕП 2024, Ален Рустемовски (до 57 кг), загуби во првото коло од Чинар Мехметхан (0-5) од Турција, Дион Лена (до 63,5 кг) од Литванецот Андирејус Лаверновас, а Алим Насуфи (до 67 кг) вчера требаше да боксува на рингот со Молдавецот Јануш Караван. На годинашниот континентален шампионат учествуваат 401 боксер, од кои 263 во машка и 138 во женска конкуренција, од 33 држави. Меѓународната боксерска федерација соопшти дека вкупниот награден фонд на ЕП 2024 е еден милион долари. Г.И.


Не мора да биде нешто лошо со вас за да се фокусирате на вашето ментално здравје. Ние само навистина ги подобривме нивото и квалитетот на услугата, што сите овие спортисти можат да ги добијат кога станува збор за менталното здравје. И мислам дека не завршивме, рече Бартли, виша директорка за психолошки услуги во Американскиот олимписки и параолимписки комитет

САД го задржуваат фокусот на менталното здравје на ЛОИ во Париз

Американскиот олимписки и параолимписки комитет (УСОПЦ) ја крена границата на услугите за ментално здравје во спортот, изјави Џес Бартли, виша директорка за психолошки услуги во УСОПЦ. Некогаш сметана за табу во напорниот свет на елитните спортови, темата за менталното здравје беше ставена во прв план делумно благодарение на американската гимнастичарка Симон Бајлс, која ги преработи насоките за здравје на спортистите на Игрите во Токио пред три години, пишува агенцијата „Ројтерс“.
– Не мора да биде нешто лошо со вас за да се фокусирате на вашето ментално здравје. Ние само навистина ги подобривме нивото и квалитетот на услугата, која сите овие спортисти можат да ја добијат кога станува збор за менталното здравје. И мислам дека не завршивме – рече Бартли.
Американскиот олимписки и параолимписки комитет усвои попроактивен пристап кон менталното здравје на спортистите, извлекувајќи поуки од Бајлс и нагласувајќи ја превенцијата на кризи, пишува „Ројтерс“.
Хигиената на спиењето стана главен фокус во пресрет на Игрите во Париз летово, рече Бартли, која се приклучи на Американскиот олимписки и параолимписки комитет на новосоздадената позиција во 2020 година.
– Ќе разговараме за џет-лег и како можете да патувате со нас и како да ја ставите хигиената на спиењето на прво место. Ќе има голем број парчиња што ќе бидат дел од менталното здравје, кои ќе можеме да ги истуркаме додека се движиме не само кон ЛОИ во Париз туку и потоа кон Лос Анџелес во 2028 година – им рече таа на новинарите во Њујорк, на самитот за медиуми на тимот на САД, пренесе „Ројтерс“. Г.И.