Ласко Џуровски креираше фонт за ансамблот „Танец“
Ласко Џуровски, визуелен уметник и типограф, по повод 75-годишнината од основањето на „Танец“ создаде фонт „Танец“, креиран ексклузивно за нашиот национален ансамбл, како и оригинално лого по повод 75-годишниот јубилеј од основањето на „Танец“. Тој на мултимедијалниот настан на ансамблот „Танец во фокусот“, во соработка со Кинотеката на Македонија, организиран во рамките на чествувањето на 75-годишнината од основањето на „Танец“ имаше свое излагање и зборуваше на темата „Ние сме Македонци, зборуваме на македонски јазик, пишуваме со македонска кирилица, пееме македонски песни, играме македонски ора, ја промовираме нашата Македонија низ светот. Опа-иха!“
Бевте дел од настанот „Танец во фокусот“. Што сакавте да споделите со публиката во Кинотеката?
– „Танец во фокусот“ беше мултимедијален настан на кој го презентирав мојот проект „Типографија и визуелен идентитет за националниот ансамбл за народни игри и песни Танец“. Ми претставува голема чест и задоволство што со мојата работа сум дел од сето она што „Танец“ го претставува. „Танец“ е неизоставен и многу значаен дел од македонското и од светското културно наследство, ората, кореографиите, музиката, инструментите, изведувачите, носиите, совршената низа на игроорци што пулсираат во максимално избалансиран македонски ритам отсекогаш ми биле инспирација, го буделе македонското чувство во мене. Во настапите на „Танец“ гледам неисцрпна магија од форми што можам да ги преточам во македонски кирилични букви што ги следат ритамот и играта. Ете, токму тоа чувство го споделив со публиката, едноставноста и кохезијата на формите, кои доколку ги минимизираме, го добиваме она најчистото, изворно чувство на оригиналност и припадност на нешто што останува запишано во вечноста. Волшебно.
Какви пораки пративте до публиката со Вашето излагање?
– Сѐ што сакав да кажам е содржано во горната реченица, само што на настанот имав можност визуелно да го претставам тоа. Мило ми е што, според реакциите на присутните, можам да забележам дека ги делиме истите чувства. Не само јас, сите присутни на настанот, дали на бината или во публиката, пративме пораки што ја кажуваат вистината, кои сме, што сме, што правиме, што сакаме да бидеме, ние сме народ што заслужува почит и свое место во светската историја како рамноправен со сите други светски народи. Ова што „Танец“ го прави и го остава како наследство веќе 75 години на најдобар начин го докажува тоа.
Што најсилно Ве инспирираше, што особено Ви беше водилка во креативниот процес?
– Орото, звукот, музиката, инструментите, боите, носиите, движењата… Кога ќе ве обземат тие чувства, кога ќе ве вовлечат во себе, не ви преостанува ништо друго освен да се препуштите, да лебдите во тој волшебен свет, кој како на дланка ви ги нуди сите потребни форми и елементи за да креирате нешто оригинално. Често ми се случува идеите за некои од моите креации да никнат сосема неочекувано, среде ноќ, во сон, таков беше случајот со логото по повод 75-годишниот јубилеј на „Танец“, кое е резултат на скица, „чкртка“ како што јас понекогаш ги нарекувам тие работи, која настана едно рано утро околу три часот, и токму таа „чкртка“ беше основа за креација на логото.
Што значи тоа што „Танец“, благодарение на Вас, сега ќе има оригинален сопствен фонт?
– Да, тоа ми причинува особена чест. Фонтот веќе започна да живее на првите промотивни материјали за мултимедијалниот настан „Танец во фокусот“ и на социјалните мрежи каде што се претставени „Танец“ и неговата работа. Чувството е прекрасно, мило ми е што моите букви заиграа во ритамот на „Танец“, се фатија за орото заедно со членовите на „Танец“ и се радувам што ќе го промовираат македонското кирилично писмо насекаде во светот.
Какво е чувството да му оставите наследство на еден 75-годишен македонски бренд како „Танец“?
– Безвременско, преубаво, мило ми е што додадов едно мало зрнце во низата што „Танец“ ја плете со години, на огромно задоволство на сите нас што ја почитуваме и негуваме традицијата. Немам друго што да додадам, освен гордо да извикнам: „Опа-иха“!