Државната изборна комисија (ДИК) попладнево, во рамки на 96. седница, ги утврди листите за избор на пратеници поднесени од неколку партии за одреден број изборни единици (ИЕ), но исто така и отфрли неколку листи.
Едногласно беа прифатени листите за пратеници на Демократи – Скопје за ИЕ 6, на Единствена Македонија за ИЕ 1, 2, 3, 4 и 5, на Нова алтернатива и Десна за ИЕ 1, 2 3 и 4, на Работничка партија за ИЕ 1 и 5, како и на Родина Македонија за ИЕ 3.
Поради некомплетна документација, пак, согласно член 67 став 6 од Изборниот законик, едногласно беа отфрлени листите на кандидати за пратеници во ИЕ 2, 3, 4 и 6 на Работничка партија, листата на Едниствена Македонија за ИЕ 6 и листите на кандидати на Десна за ИЕ 5 и 6.
Во однос на листата на Работничка партија за ИЕ 6, членот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека се воочени специфични неправилности за кои се известени надлежните институции.
– При прегледување на документите на оваа партија за ИЕ 6, имаше специфични неправилности кои треба да ги испитаат други инстиуции кои службено ги известивме согласно Изборниот законик – рече Кондарко.
По завршувањето на гласањето за листите, тој процедурално се јави за збор и соопшти дека Нова алтернатива за ИЕ 5 и 6 поднела листи на кандидати, но вон рокот, поради што тие листи ДИК нема да ги земе предвид.
– Оваа партија доставила две листи вон рокот и ДИК нема законска основа, ниту обврска да постапува, односно да дава дополнителен рок за исправка – објасни Кондарко.
ДИК претходно, изврши жрепка за распределба на локациите на рекламните паноа и билборди врз основа на членот 78-а од Изборниот законик за изборите за пратеници во Сообранието на Република Македонија.