Концерт на Дина Марковска на флејта и Јована Удовиќ на виолина ќе се одржи денеска, во 18 часот, во културниот центар „Јадро“. На програмата се делата на: Jохан Себастијан Бах – Соната за соло виолина бр. 2 во А-мол, Фридрих Крајслер – Рецитатив и Скерцо-каприц, оп. 6, Георг Филип Телеман – Фантазија бр. 10 во фис-мол за соло-флејта, Иван Јевтиќ – Инкантации за соло флејта, Зигфрид Карг-Елерт – Соната апасионата оп. 140 за соло флејта и Вилхелм Фридман Бах – Дует бр. 4 во Ф-дур.
Дина Марковска е родена во Скопје во 2003 година, а од 2012 година живее и учи во Белград. Своето музичко образование го започна на десет години, кога се запиша на отсекот флејта во музичкото училиште „Јосиф Маринковиќ“, во класата на професорот Константин Мирковиќ. Од 2020 година работи со професорот Александар Буркерт во Средното музичко училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун, каде што и го завршува средното музичко образование. Моментално е студентка на втора година на основните академски студии на Факултетот за музичка уметност во Белград, во класата на професорот Миомир Симоновиќ. За сите овие години настапува на голем број училишни и академски концерти како солистка, камерна и оркестарска музичарка во разни ансамбли, како што се хор на флејти, дуо со виолина, дуо со обоа, квартет на флејта со гудачи, дувачки квинтет и симфониски оркестар. Има настапувано во многу концертни сали, како што се Големата сала на „Коларчева задужбина“, Галеријата на „Коларчева задужбина“, „Параброд“, „МТС дворана“, „Гварнериус“, Студентскиот културен центар, Српската академија на науките и уметностите, како и на сцената на Македонската опера и балет. Исто така има настапувано и освојувано први награди на меѓународни натпревари. Има посетувано и мајсторски курсеви и работилници, каде што има соработувано со професорите Матеј Зупан (Словенија), Паоло Табалионе (Италија), Вали Хасе (Германија), Карл-Хајнц Шуц (Австрија), Матју Госи-Онселан (Австрија), а во 2023 година беше и дел од Летната академија во Ница, Франција, каде што соработуваше со професорот Винсент Лука (Франција). Исто така учествуваше на оркестарскиот семинар во организација на институтот ФАМЕ’С во Скопје, каде што соработуваше со професорот Владимир Николов и диригентот Џијан Емин, со чиј оркестар во рамките на овој проект настапи и на отворањето на „Скопје џез-фестивал“ во 2023 година.
Јована Удовиќ е родена во Белград, во 2004 година. Таа своето музичко образование го започнала во Белград, на осум години, во класата на професорката Лидија Ранковиќ. Во 2012 година завршува средно музичко образование во Училиштето за музички таленти, во класата на професорот Драгутин Младеновиќ, со награда за најдобра изведба на дипломскиот испит. Моментално е студентка на втора година на Факултетот за музичка уметност во Белград, кај професорот Роберт Лакатош. В.Д.