Линиската инфраструктура по дефиниција ги опфаќа автопатиштата, железниците, гасоводите, нафтоводите, енергетските далноводи и преносот на електрична енергија итн. Токму во тој контекст, во овој осврт на „Нова Македонија“, користејќи ги педантниот извештај и анализите на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во однос на (не)реализираните предизвици на еден облик на капитална линиска инфраструктура, имено „Системот за гасификација“, ќе биде истакната круцијалната поддршка за економскиот развој на една држава, токму од добро изградената и функционална линиска инфраструктура! Во текстот што следува и издвоените делови на најновиот извештај на ДЗР, бавната изградба на гасната линиска инфраструктура се доведува во најтесна корелација со негативното влијание на енергетската транзиција.
Во нашите наредни продолженија на оваа тема ќе пишуваме и за другите области, каде што ќе ги констатираме сегашните состојби, како и кои се нашите национални приоритети при креирањето на стратегијата за патна, железничка, енергетска инфраструктура
Уште еден осврт кон извештајот на Државниот завод за ревизија во врска со системот за гасификација на Македонија
Од осамостојувањето во Македонија, во инфраструктурата постојано се „вложуваше“, но голем број клучни инфраструктурни зафати останаа нереализирани.
Факт е дека во нашата земја нема ниту квалитетна ниту развиена линиска инфраструктура. Голем хендикеп и на целата македонска економија е токму линиската инфраструктура. Како држава сѐ уште имаме исклучително слаби поврзувања и вмрежувања. Состојбата на таквата линиска структура особено е исклучително лоша во енергетиката, попрецизно – кај гасот. Неопходни се инвестиции во линиската инфраструктура, вклучувајќи ги примарната и секундарната гасоводна мрежа, за да може на перманентна основа да се подобрува конкурентноста на компаниите, а со тоа и на целата економија.
Повеќе од деценија изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не е ставен во употреба, но исто така отсуствува и долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави. Неповолното влијание што го предизвика енергетската криза во државата во 2021 и 2022 година врз граѓаните и стопанството влијаеше Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на усогласеноста на темата „Развој на системот за гасификација во РС Македонија“.
За подетално да се утврди кои се причините за тоа, ДЗР анализирајќи го периодот од 2019 година до септември 2023 година, а одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2019 година и последователно до денот на известување за извршената ревизија, утврдил дека поголем дел од проектите што се предвидени со студијата за оправданост се почнати, но нивната изградба се одвива со бавна динамика и постојат отстапувања во однос на планираната временска рамка, местоположбата на гасоводите, како и планираните финансиски средства за изградба.
Нерационално трошење средства за проектот за изградба на националниот гасовод
Изградбата на националниот гасовод е еден од проектите рекордери по времетраењето на градење во Македонија. Процесот на планирањето на гасификацијата на територијата на целата држава е почнат во 2010 година, а имплементацијата е започната по пет години, односно во 2016 година, од кумановско Клечовце. Тогаш беше речено дека со него се испишува нова ера во енергетиката, затоа што треба да ги намали трошоците за енергија и на граѓаните и на фирмите.
Имено, во периодот од 2014 до 2023 година за изградбата на магистралните гасоводи ЛОТ1 изграден (Клечовци-БС5 должина 61 км), ЛОТ 1 – (БС5 – Неготино со ГМРС Штип и ГМРС Неготино должина 36 км), ЛОТ 2 (Неготино (Кавадарци) – Битола должина 92 км) и ЛОТ 5 Одобрение за градење (Гостивар – Кичево должина 34 км) склучени се договори и анекси кон договорите, како и договори за непредвидени и дополнителни работи во вкупен износ од приближно 156,4 милиони евра.
– Најголем дел од нив, иако се изградени, сѐ уште не е ставен во употреба. Причини за ваквата состојба се слабостите во делот на запишување на правото на сопственост на линиските инфраструктурни објекти, но и бавното решавање на предметите за експропријација за кои во периодот од 2018 до 2022 година биле исплатени приближно 2 милиони евра. Утврдени се и слабости во следењето на реализацијата на договорите за изградба и надзор над изградбата на магистралните гасоводи, како и во начинот на одржување на гасоводната мрежа – се наведува во извештајот.
За делниците што не се изградени, а за кои се набавени материјали и резервни делови е утврдено несоодветно управување со нивната резерва, што претставува ризик од нерационално трошење јавни средства.
Ревизорите утврдиле постоење на резерви на материјали и резервни делови, со вкупна вредност од приближно 1,6 милион евра што се набавена пред 2019 година и истите тие не се користат, со што се доведува во прашање потребата од нивна набавка, како и можноста истите тие да бидат застарени и неупотребливи.
– На пример, набавена е значајна вредност на резервни делови и материјали за завршување на гасоводниот прстен околу градот Скопје, кој поради недоволна координација со надлежните служби на Град Скопје не е завршен и на тоа место е изградена нова сообраќајница, поради што во иднина за да се затвори гасоводниот прстен околу градот ќе треба да се прават дополнителни активности и расходи – оцениле ревизорите.
Република Македонија увезува природен гас кај Деве Баир, на границата со Бугарија. Со ревизијата е утврдено дека функционалниот гасовод во државата е изграден во деведесеттите години од минатиот век и се состои од еден магистрален гасовод, кој се наоѓа на источната граница во месноста Деве Баир и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, како и градските гасоводни мрежи во наведените градови.
Должината на магистралниот гасовод е 98 километри, а заедно со неговите блок станици и приклучни места за разводни гасоводи изнесува речиси 130 километри. Вкупната должина на градските гасоводни мрежи, од каде што фабрики, правни субјекти, училишта, општини, ТИРЗ и други објекти се снабдуваат со природен гас, изнесува речиси 80 километри. Набавната вредност на функционалната гасоводна мрежа изнесува приближно 71 милион евра, од кои најголем дел или 49 отсто претставуваат вложување во магистрален и разводен гасовод Деве Баир-Скопје и 26 отсто отпаѓаат на изградбата на градската гасоводна мрежа во Скопје.
– Во изминатиот период искористеноста на магистралниот гасовод е недоволна и по градовите во државата не постои формално воспоставена дистрибутивна мрежа. Потрошувачите се приклучени директно на преносната мрежа и природниот гас се користи единствено во индустријата и во јавните објекти, но не и во домаќинствата – констатирале ревизорите.
Линиските инфраструктурни проекти значат крвоток за економијата!
Стратегиските инфраструктурни проекти не се извршуваат со потребната динамика, има забавени активности, одложени процедури, повисоки трошоци од првично планираните, како и други непланирани трошоци. Се гради бавно и неефикасно, со голем број проблеми. А тоа значи само едно – изолираност и отсеченост на нашата држава!
Во отежнатите економски услови на работење, ваквите прекини во инфраструктурните проекти предизвикуваат дополнителна и голема финансиска штета и загуба.
Развој на стопанството и подобрување на животниот стандард на сите граѓани ќе бидат невозможни ако не почнат исполнувањето и почитувањето на предвидените и поставени цели, во секој сегмент. Ако нешто се започне со градба и ако треба да се изгради за одреден период, тогаш тој рок мора да се испочитува. Прекините и одложувањата мора да запрат. Неопходни се посветеност и исполнување на планираните инвестиции, за подобрување на животот за сите во оваа земја. Некои од експертите предупредуваат дека ова е кулминација на проблемите, кои се влечат со децении, тие се системски и комплексни, но доминантно како резултат на политиката, а не на стручноста и капацитетите за реализација на вакви големи проекти, кои значат крвоток за секоја економија.