Фото: ЕПА

Секоја идеја во овој поглед потоа ќе биде разгледана и проценета, соопшти УЕФА, пренесе АП. Европската фудбалска унија, која во минатата година одлучи на ЕП 2024 да има состави со по 23 играчи, ќе биде домаќин на селекторите и на официјалните лица на 24-те репрезентации учеснички на ЕП 2024, по две недели во Диселдорф

ФУДБАЛ

Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека ќе ги слуша селекторите на репрезентациите доколку сакаат поголеми состави со по 26 играчи наместо 23 на Европското првенство (ЕП) годинава во Германија, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
Селекторот на репрезентацијата на Холандија, Роналд Куман, неделава рече дека бројот на повреди во модерниот фудбал значи дека е апсурдно да се врати одлуката за традиционалниот состав со по 23 фудбалери на ЕП. Поради пандемијата на ковид-19, УЕФА дозволи зголемени состави со по 26 играчи на ЕП 2020, одложено издание што се одигра во 2021 година, а по 26 фудбалери имаше во составите на репрезентациите и на Светското првенство во 2022 година. Во двата случаја ако играчите беа изолирани од здравствени причини, нивните замени веќе беа во кампот и ги почитуваа задолжителните протоколи, пишува АП.
Европската фудбалска унија, која минатата година одлучи на ЕП 2024 да има состави со по 23 играчи, ќе биде домаќин на селекторите и на официјалните лица на 24-те репрезентации учеснички на ЕП 2024, по две недели во Диселдорф (Германија).
– На 8 април ќе се одржи работилница со репрезентациите учеснички и по тој повод УЕФА ќе ги слушне ставовите на селекторите. Секоја идеја во овој поглед потоа ќе биде разгледана и проценета – соопшти Европската фудбалска унија, пренесе АП.
Селекторот на Англија, Герет Саутгејт, рече дека имало „малку разговор меѓу некои од селекторите“ за барањето за 26 играчи. Саутгејт рече дека не планира да врши притисок врз УЕФА за зголемување на бројот на фудбалери, иако рече дека дополнителниот број ќе го намали ризикот од избор на играчи што имаат повреди.
– Можевме да им дадеме време на луѓето, но со 23 тоа е дефинитивно потешко – рече Саутгејт. Н.М.