Алкараз израмни рекорд на Надал

Алкараз го победи Медведев и ја одбрани титулата од лани, а кај тенисерките, Швјонтек беше подобра од Сакари, која ја совлада и во финалето во 2022 година. Алкараз му се придружи на Надал како единствен тенисер што освоил пет мастерс-трофеи пред својот 21. роденден

ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО ИНДИЈАН ВЕЛС

Шпанскиот тенисер Карлос Алкараз (20) го победи светскиот рекет број четири, Русинот Данил Медведев, со 7-6, 6-1, и со тоа ја одбрани титулата на мастерс-турнирот од серијата 1.000 во Индијан Велс (САД). Ова е прва титула за Алкараз откако лани триумфира на гранслем-турнирот Вимблдон. Тој стана и првиот тенисер што ја одбранил титулата на овој турнир откако Новак Ѓоковиќ освои три последователни трофеи од 2014 до 2016 година. Со оваа победа Алкараз му се придружи на сонародникот Рафаел Надал како единствениот тенисер што освоил пет мастерс-трофеи пред својот 21. роденден.
– Победата на овој турнир многу ми значи, бидејќи неделата пред да почне имав многу сомнежи во мојот зглоб. Но, штом стапнав на теренот, во првото коло, почнав да се чувствувам подобро. Очигледно победувањето на турнирите многу помага да се дојде до следните. Повторно освојување на мастерс 1.000 навистина е тешко и ми дава дополнителна мотивација и самодоверба за Мајами, кој е следниот мој турнир – изјави Алкараз за Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП).
И Алкараз и Медведев сега ќе настапат во Мајами, на нов мастерс-турнир од серијата 1.000, каде што Медведев ќе ја брани титулата освоена во минатата година.
Кај тенисерките славеше Ига Швјонтек од Полска, откако ја совлада деветтата тенисерка во светот, Марија Сакари од Грција, со 6-4, 6-0. Тенисерката број еден во светот победи по 69 минути игра и ја освои втората титула сезонава, по турнирот во Доха во февруари, а вкупно 19-та во кариерата.
– Уште ќе има подеми и падови, така што не очекувам дека секогаш ќе се чувствувам удобно под притисокот – рече Швјонтек по победата.
Швјонтек загуби 21 гејм во шест меча на патот до титулата и ја постигна 20-та победа сезонава, што е најмногу на ВТА-турнирите годинава. Ова е нејзин осми трофеј на мастерс-турнирите од серијата 1.000, а втора титула во Индијан Велс, откако во финалето во 2022 година, исто така, ја совлада Сакари. Г.И.


Ѓоковиќ 417 недели на врвот

Новак Ѓоковиќ вчера ја почна 417-та недела на чело на ранг-листата на Асоцијацијата на тениските професионалци (АТП), со што продолжи да го зголемува сопствениот рекорд. Тој е на првото место на АТП-листата со 9.725 бода, односно ја зголеми предноста пред второпласираниот Карлос Алкараз, сега таа е 920 бода. Јаник Синер го задржа третото место со 8.310, а Данил Медведев е четврти со 7.765 бода. Македонскиот тенисер Калин Ивановски е 366-ти (135 бода). На ранг-листата на Женската тениска асоцијација (ВТА) води Ига Швјонтек (10.715 бода), пред Белорусинката Арина Сабаленка (8.195) и Американката Коко Гоф (7.150). Македонската тенисерка Лина Ѓорческа напредуваше две места и сега е 239-та (312 бода).