Рускиот претседател Владимир Путин на синоќешната прес-конференција во неговиот изборен штаб изјави дека починатиот критичар на Кремљ, Алексеј Навални требало да биде ослободен во размената на затвореници со Западот, јавува ДПА.
На прес-конференцијата, Путин рече дека се согласил на договор за размена на затвореници, вклучувајќи го и Навални пред неговата смрт минатиот месец. Претседателот истакна дека главен услов за размената би бил Навални да не се врати во Русија.
Путин го нарече покојниот со неговото презиме и рече дека неговата смрт е тажен настан.
-Што се однесува до г-дин Навални: да, тој умре. Ова е секогаш тажен настан. Имавме и други случаи на луѓе кои умираат во притворските центри. Слични случувања „се случија и во Соединетите Држави, и тоа многу пати – рече Путин на прес-конференцијата.
Според руските власти, Навални починал на 16 февруари на 47-годишна возраст во арктичката казнена колонија „Поларен волк“, во близина на градот Салехард, кој се наоѓа веднаш на Арктичкиот круг, на околу 1.900 километри североисточно од Москва. Околностите околу неговата смрт остануваат нејасни. Неговата вдовица Јулија Навална верува дека нејзиниот сопруг бил убиен.
Долгогодишниот соработник на Навални, Леонид Волков, изјавата на Путин ја нарече „цинична“, забележа ДПА.