Вакцините ДиТеПер за возрасни против голема кашлица се пристигнати во државата и веднаш ќе можат да се аплицираат, најави министерот за здравство Илир Демири, а пренесе „Макфакс“.
Тој одговори потврдно на прашањето дали граѓаните кои имаат потреба можат да одат на вакцинација.
– Да може, од денеска може слободно да се аплицираат, има во вакциналните пунктови, може кај луѓе кои имаат потреба за таков вид на ревакцинација – нагласи Демири.
Прашан кога ќе ја потпише одлуката на Комисијата за заразни болести за вакцинација на децата, тој кажа дека таа е валидна и без негов потпис.
– Сега ќе ја потпишам. Комисијата е составена од експерти кои носат праведни одлуки кои се во интерес на граѓаните и во интерес на спасување на животи – потенцира Демири.
Вчера надлежните информираа дека децата што во последните шест месеци примиле серија од три дози ДиТеПер-вакцина се смета дека ја завршиле примоимунизацијата и може да одат во градинка, но со напомена да ја примат и ревакцината најрано шест месеци по третата доза. Комисијата за заразни болести ја дообјасни мерката со која се забранува нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца да посетуваат градинка по многубројните реакции на родителите.