Светскиот првак ја повреди аркадата играјќи фудбал во слободното време, а потоа во деветтата партија за титулата испушти победа за водство во дуелот со Каруана
Актуелниот светски шаховски првак, Норвежанецот Магнус Карлсен, дефинитивно нема да го прослави рекордот што беше поставен во Лондон во мечот за светски првак. Тој дозволи предноста во деветтата партија (од предвидените 12), против Фабијано Каруана (САД), да му побегне иако првпат во мечот имаше предност со бели фигури по отворањето. Очигледно двајцата најдобри шахисти на денешницата продолжуваат да избегнуваат големи грешки. Резултат е нерешен 4,5-4,5, а Карлсен и Каруана сега го држат рекордот на одиграни реми-партии во низа, почнувајќи од почетокот, кој претходно во меч за светската титула беше виден во Њујорк (1995 година) помеѓу Вишванатан Ананд и Гари Каспаров. Рекордот за најмногу ремија по ред, но не од воведното коло, нема да биде урнат годинава или наскоро, оти Русите Анатолиј Карпов и Гари Каспаров во 1984-та одиграа 17, а потоа следната година 13, во нивниот историски меч.
Но мечот ќе биде запаметен и по тоа што веројатно е првиот во кој еден играч седнал да игра со повредена аркада и фластер на окото. Карлсен се повредил додека играл фудбал во слободното време, при еден судир со норвешкиот новинар Емил Гукилд. Тимскиот лекар на Карлсен бил присутен за време на инцидентот и веднаш му дал прва помош, по што Карлсен по половина час продолжи да игра фудбал, а потоа на партијата отишол со фластер на десното око.
– Не чувствувам болка, а деветтата партија не беше мојата најдобро одиграна во Лондон – рече Карлсен по ремито.
Каруана беше во подобро расположение по партијата.
– Па, обично не гледам премногу во Магнус додека играм. Всушност, знаев за повредата, но не ја променив играта – додаде Фабиано.
Карлсен како „бел“ се врати на својот потег од четвртата партија 1. c4 (англиска партија), но резултатот не се смени иако 9. Лг5 беше првото отстапување и малку чудно на Карлсен. Норвежанецот имаше предност по отворањето, но одиграниот пешак на х5 се чини беше преран, така што и белиот крал стана ранлив, а позицијата на по еден разнобоен ловец и два пиона заврши со реми во 56-от потег. Мечот влезе во завршница, а три ремија ги делат од тајбрејкот. Карлсен го зголеми и сопствениот рекорд на одиграни реми-партии во низа, при што сега, на овие девет, се вклучија и петте што ги одигра претходно на Европскиот клупски куп (ЕКК) и изнесуваат 14.