Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Насир Муслиу, оториноларинголог во општа болница „Ферид Мурат“ во Гостивар

Бенигна пароксизмална позиционo вртоглавица (БППВ) е болест на вестибуларниот периферен сензорен систем на полукружните канали на лавиринтот и се манифестира со ненадејни интензивни епизоди на вртоглавица, атаксија, дезориентација во просторот, силни илузии на ротација во просторот или илузии на ротација на просторот околу пациентот, чувство на флуктуација, губење на рамнотежа, окуломоторни нарушувања (неконтролирани движења на очите – ротаторски нистагмус), паѓање при стоење и одење придружени со пречки од невровегетативниот систем со гадење, повраќање, бледо лице итн.
Сето тоа се провоцира со движење на главата во одредени положби, движење во кревет, станување од кревет итн.

Овие манифестации можат да траат од 10 до 20 секунди или повеќе, но никогаш не повеќе од една минута, потоа вртоглавицата и нистагмусот исчезнуваат, додека гадењето и повраќањето може да траат уште подолго.
Може да се повторуваат неколку пати на ден, неколку пати неделно или месец, со тенденција на намалување на интензитетот додека не исчезнат, но можноста за повторување не се елиминира.

Во БППВ, кохлеата и кохлеарниот нерв не се засегнати. Тоа значи дека при епизоди на вртоглавица и подоцна слухот не се нарушува, за разлика од некои други болести кои исто така се манифестираат со вртоглавица, но во исто време кај нив се напаѓа и слухот.

Вестибуларниот систем ја регулира телесната рамнотежа.
Периферниот вестибуларен сензорен систем ги вклучува macula utriculi (лоциран во хоризонтална положба), macula saccularis (лоциран во вертикална положба), сместени во предворјето на лавиринтот и crista ampullaris сместени во семициркуларните каналите на лавиринтот.

Mакула – Се состои од цилијарни клетки кои се опкружени со потпорни клетки. Цилиите се прикачени за желатинозната мембрана, на чиј врв е поставен слој од калциумови кристали наречени отолити. Макулите ја детектираат ориентацијата на главата во зависност од гравитацијата.

Crista ampullaris – Се состои од цилијарни ќелии од кои излегуваат цилии кои потонуваат во куполата која има конусна форма и се состои од желатинозна структура на мукополисахариди и се движи при промена на положбата на главата.

Детекција на ротација на главата од страна на вестибуларниот систем.
Кога главата се ротира предизвикува поместување на куполата и возбудливо свиткување на цилиите. Од цилијарните клетки со помош на вестибуларниот нерв се пренесуваат информации во вид на одредени сигнали до централниот нервен систем за промената на брзината и насоката на ротација на главата. Полукружни канали откриваат дека главата почнува да ротира или престанува да се врти на едната или на другата страна

Секое движење на телото или главата го возбудува вестибуларниот периферен сетилен систем. Во нормална состојба овие промени се пренесуваат од двата лавиринти синхронизирано со помош на вестибуларниот нерв во вид на нервни импулси до повисоките нервни центри, од каде што следи адекватната рефлексна реакција. Во патолошките случаи, информациите во повисоките нервни центри не се носат синхронизирано од двата лавиринти, поради што имаме појава на одредени симптоми.

БППВ е предизвикан од еден или повеќе фрагменти на отолити, кои се одвојуваат и мигрираат во ендолимфата на мембранозниот лавиринт. Овие фрагменти се кристали на калциум карбонат. Симптомите се појавуваат кога овие фрагменти од предворјето мигрираат во полукружните канали. Посоодветен за премин на овие фрагменти поради анатомската положба е задниот полукружен канал. Овие фрагменти го иритираат и оштетуваат сетилниот епител на полукружниот канал каде што се наоѓаат нервните завршетоци на вестибуларниот нерв. Како резултат на тоа се појавуваат симптомите на оваа болест, субјективното чувство на вртоглавица проследено со видливи објективни промени нистагмус – неконтролирано движење на очите.

Во светската статистика, БППВ е причина за вртоглавица кај речиси 20% од пациентите кои се жалат на вртоглавица. Оваа болест најчесто се јавува кај лица над 40 години, но не се поштедени и помладите. Почесто се јавува кај жените.

Се смета дека причината за оваа болест се:
– Спонтани дегенеративни процеси кои се случуваат во лавиринтот, а во овој случај и во макулата.
– Разни повреди на главата, каде што е нападнат и лавиринтот.
– Воспалителни процеси.
– По хируршки интервенции во уво

Диагностика:
-Анамнеза
-Отоскопија
-Аудиолошки прегледи
– Тестот Halpik-Dix, одобрен за прв пат во 1952 година (кој се обидува да предизвика вртоглавица и нистагмус со ротирање на главата во одредена положба).
-Електронистагмографија (ENG)
-МНР

Третман:
-Во почетокот вреди да се проба методот на Еплеј, со ротирање на главата во одредени положби се обидуваа да се вратат фрагментите од отолити од полукружниот канал во вестибулум.
– Антивертигинозни срества.
-Кортикостероиди
-Витамини од групата Б
– Контрола на движењето на главата, особено внимателно движење во положби кои ги предизвикуваат симптомите на болеста.
– Може да се случи во подолг период фрагментите од отолитот или да се распаднат или сами да се преместат во вестибулум и со тоа да исчезнат и знаците на болеста.