Изгледа токму со либерализмот, кој пропаѓа во Европа, но и во сите други западни земји, од многу разбирливи причини, точно либералите нѐ враќаат во минатото. Тоа е и впрочем европскиот тренд. Еве само една куса лекција. Либерализмот се изеде и истроши самиот себе кога го приграби глобализмот како дел од својата идеологија, спротивна на оној стар либерализам на Џон Лок, Томас Хобс, Монтескју, подоцна и на Томас Џеферсон, како и на други изворни идеолози. Во последните неколку декади, новиот догматски либерализам доведе до осиромашување на народите за сметка на создавање хипербогати елити, го создаде неоколонијалното ропство во сиромашните држави (и ние не сме далеку) под превезот: не е важно како живеете, важно е да станете дел од сектата што промовира зелена агенда, климатски промени, слобода на говор (а всушност цензура ако не ги делиш ставовите на сектата), се врза со меѓународни институции како ММФ, Светската банка, со „пазарниот фундаментализам“…
Одамна, горенаведените талкаат една лажна теза во која божем тие нѐ водат кон ЕУ (видовме како), а всушност со лагите, нѐ влечат за нос. За да го поткрепат наративот удрија врз единствениот вистински европски интелектуалец меѓу претседателските кандидати, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, а тоа е професорката Силјановска–Давкова. Како папагали повторуваат дека таа ќе нѐ влечела кон минатото, ќе сме се изолирале, немало да влеземе во ЕУ, како најдолен пцост се употребува зборот „патриот“, та само Пендаровски бил либерал што влечел напред. И бидејќи бил либерал, припаѓал на иднината. Одамна се немам вака насмеано на нечија комплетна неписменост.
Да тргнеме со ред во разбивањето на тезите на некадарниците.
Изгледа токму со либерализмот, кој пропаѓа во Европа, но и во сите други западни земји, од многу разбирливи причини, точно либералите нѐ враќаат во минатото. Тоа е и впрочем европскиот тренд. Еве само една куса лекција. Либерализмот се изеде и истроши самиот себе кога го приграби глобализмот како дел од својата идеологија, спротивна на оној стар либерализам на Џон Лок, Томас Хобс, Монтескју, подоцна и на Томас Џеферсон, како и на други изворни идеолози. Во последните неколку декади, новиот догматски либерализам доведе до осиромашување на народите за сметка на создавање хипербогати елити, го создаде неоколонијалното ропство во сиромашните држави (и ние не сме далеку) под превезот: не е важно како живеете, важно е да станете дел од сектата што промовира зелена агенда, климатски промени, слобода на говор (а всушност цензура ако не ги делиш ставовите на сектата), се врза со меѓународни институции како ММФ, Светската банка, со „пазарниот фундаментализам“ на Џорџ Сорос и ред други корпоративни грабливци и започна да пропаѓа незапирливо. Има и ред други причини, но за тоа нека си прочитаат. Еве за почеток, нашите обожаватели на анахрониот либерализам, за кој мислам дека не знаат ни да го дефинираат, нека ја прочитаат познатата книга издадена од Универзитетот во Јејл, од проф. Патрик Џ. Денин, со наслов „Зашто пропадна либерализмот“. Или нека ислушаат предавање на темата „Либерализам наспроти национализам“ (при што национализмот е во позитивна конотација), од светски познатиот професор Џон Мерсхајмер. Значи, нашите јавачи на апокалипсата, која ја создадоа, не знаат дека токму тие мислат да нѐ вратат во минатото. Дечки, дуваат нови ветришта во Европа. Читајте, учете, никогаш не е доцна.
И во сите нивни портали, независно кој „аналитичар“ пишува, според скриптата што им ја поделиле на Бихаќка, се влече истата мантра.
Силјановска ќе ве врати во минатото по примерот на Русија, која заедно со космичката програма, дигитализацијата на сѐ и сешто, живее во нивните скромни умови во минатото. А тие со овој пустош, гнасотилак на сите страни, без инфраструктура, кражби на столетието, ќе нѐ носеле напред кон ЕУ. Не, бре, луѓе. Оваа власт не нѐ води ни назад, ни напред, туку право кон дното. Му се чудам на Стево Пендаровски како прифатил да биде кандидат на најлошата влада во историјата на Македонија. Барем можеше да размисли и мораше да се спротивстави на ова опустошување на државата од страна на неговите. На пример, да одбиеше да го потпише изменетиот Кривичен законик, кој им дава право на нивните крадливи функционери да се спасат од затвор и е со злоупотребено европско знаменце. Макар како гест.
Квазиинтелектуалциве многу ги дразни атрибутот „патриот“. За нив тој збор е вулгарен, најлоша етикета што можете да ја заработите. Овој нивен дефект не припаѓа ниту на минатото ниту на иднината. Тоа е ендемска болест. Таква пцост „патриоту низаеден“ едноставно не постои никаде. Ама тие ја мислат за модерна работа. Убаво си кажа Заев дека не им личело да бидат патриоти. И за волја на вистината бегаат од тоа како ѓавол од темјан. За нив да сте само вонземјанин пристигнат од Марс, без минато, без историја, без свои традиции, оперирани од љубов кон татковината и народот, газење врз неговата посебност, немање никаква почит кон генерациите пред нас, е врв на постоењето. Со еден збор, ако сте аморфна маса, тоа е „ин“. Уште ако се зачини и со малку квазилева идеологија, која ја сведоа на „лева рака, десен џеб“, животот им станува прекрасен. Затоа и направија држава во која никој не сака да живее. Дека тие не ја сакаат.
Во своето празно фалење, кое рака на срце веќе не пие вода, отидоа дотаму што од страната на наш академик, познат писател, професорот Стево беше наречен „висок интелектуалец кој не се занесува со романтичарски приказни за минатото“. Дали академикот не знае дека во Македонија има „високи интелектуалци“ што се бројат најмногу на две раце? За жал, гледаме дека дури и во МАНУ имаме проблематични интелектуалци штом Стево е за некој од нив интелектуална и научна величина. Па навистина е срамота и навреда за оние малкумина, најчесто маргинализирани научници и интелектуалци што излегле на меѓународната сцена. Дека само таквото мерење на силите во науката се брои. Друго не постои. А преубави приказни од минатото, токму романтичарски, пишува ценетиот писател и академик. Скоро ја читав неговата приказна за прстенот со ахат од древна Кина, кој тој со гордост го носи и денес. За Кина може, ама за Македонија е забрането да се романтизира, камоли да се китите со нејзини симболи. Ако академикот сакал да постигне нешто, веднаш да му кажам дека го постигнал обратното.
Македонија е мала и сите, ама токму сите знаат, дека професорката Силјановска–Давкова е вистинскиот интелектуалец, кој за негова несреќа има и романтичарски, покрај прагматичните чувства за татковината.
Минатата сабота присуствував на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за избор на кандидат за претседател на Република Македонија. Беше избрана токму професорката Гордана Силјановска–Давкова. Јас, која и самата добро говорам, можам само да кажам дека излегов восхитена од визијата, волјата за промени, знаењето, скромноста на една вистинска европска интелектуалка.
Еднаш мораат да престанат лагите и песничката дека овие на власт нѐ носеле кон ЕУ (видовме по која цена, а и тогаш без гаранции поради нивните чираци дипломати), а ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нѐ влечеле назад. Од толку влечење назад, на видеоврска за време на конвенцијата се јавија нивни европски сестрински партии за да дадат поддршка за нашиот пат кон ЕУ и да посакаат успех на двојните избори. Тој пат ќе го изодиме токму ние, „патриотите низаедни“, макотрпно, по сите направени штети, но достоинствено како што единствено ѝ личи на сериозна и суверена земја, кандидат. И ќе им откријам една тајна. ЕУ, во новата геополитичка ситуација, е и тоа како заинтересирана да го приклучи Западниот Балкан во своите редови. Како што беше и НАТО, кој и да не сакавме ќе нѐ зграпчеше кај себе. Затоа, оладете со прифаќање уцени. Има начини, ама не се за вас разбирливи, ниту можете да ги одработите. Треба многу знаење и умеење во надворешната политика.
Тука ќе запрам, бидејќи не е започната изборната кампања. Само ќе им порачам на повторувачите на истите досадни тези дека исходот од двојните избори го знаат исто колку и јас. Нека не се манипулира со некакви „необјавени“ анкети. Ги охрабрувам да ги објават, за да се смее народов.
И им порачувам дека не секогаш нападот е најдобра одбрана. Во нивниот случај, по сѐ што направија, најдобро е да се бранат со молчење.