КОШАРКА – НБА
Томпсон по 12 години не беше стартер, па го одигра својот најдобар меч сезонава

На Клеј Томпсон во четвртокот му беше кажано дека нема да почне натпревар во кошаркарската НБА-лига првпат откако беше дебитант на Голден стејт во 2012 година, а тој одговори со својот најдобар натпревар сезонава, пишува НБА. Томпсон постигна рекордни за сезоната 35 поени, реализирајќи седум тројки и го предводеше тимот до победа на мечот со Јута џез, со 140-137.
Томпсон влезе во игра во првата четвртина. Тоа беше првпат четирикратниот шампион во НБА да влезе во игра од клупата од 11 март 2012 година. Томпсон се пријави во играта во седмата минута во првата четвртина и постигна 17 поени за 12 минути во првото полувреме, помагајќи му на тимот да изгради водство со 84-71.
Петкратниот олстар-играч, исто така, влезе во историјата на НБА. Со кош во втората четвртина, Томпсон стана 153-от играч во историјата на НБА што достигнал 15.000 поени во кариерата и шестиот играч во историјата на Голден стејт што ја достигнал таа поентерска граница (другите се Стивен Кари, Вилт Чембрлен, Рик Бери, Пол Аризин и Крис Малин).
Во Источната конференција води Бостон со 43 победи и 12 порази, а потоа се Кливленд со 36-17, Милвоки со 35-21, Њујорк со 33-22, Филаделфија со 32-22 итн. Во Западната конференција, првопласирана е Минесота со 39-16, а потоа следуваат Оклахома со 37-17, Лос Анџелес клиперс со 36-17, Денвер со 36-19, Феникс со 33-22… Н.М.


СП ВО БРЗО ЛИЗГАЊЕ
Три селекции го соборуваа светскиот рекорд

Канада, Холандија и Норвешка го соборуваа светскиот рекорд во машкиот екипен спринт, за време на Светското првенство (СП) во брзо лизгање, кое се одржува во канадскиот град Калгари. Прво Холанѓаните (1:17,18 минута) го соборија стариот светски рекорд (1:17,31), поставен од Канада во 2017, токму во Калгари. Но тој нов рекорд траеше неполни три минути, оти веќе во следната трка Канаѓаните постигнаа подобар резултат (1:17,17) и го вратија светскиот рекорд во своја сопственост. Во истата трка стариот светски рекорд го соборија и Норвежаните, чиј резултат, секако, остана во сенка на постигнувањата на Канаѓаните и на Холанѓаните.
Но по последователното прецизно мерење на времето се утврди дека и Холанѓаните постигнале 1:17,17, но светскиот рекорд и златото им припаднаа на Канаѓаните, кои беа побрзи за неколку илјадити делови од секундата.
Екипните спринтерски трки во брзо лизгање се нетипично натпреварување, во кое стартуваат тројца натпреварувачи од една репрезентација и на тој начин го лизгаат заедно само првиот од вкупно три круга (по 400 метри), во вториот круг остануваат двајца, а во последниот круг лизга само еден од нив, оној што на стартот бил на крајот. Во истата конкуренција победи и женската канадската репрезентација. Г.И.


ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА
Обамејанг се израмни со Фалкао

Пјер-Емерик Обамејанг (Марсеј) се израмни со Радамел Фалкао како најдобар стрелец во историјата на фудбалската Лига Европа (ЛЕ), со по 30 гола. Обамејанг постигна еден гол во ремито на Марсеј на гости кај Шахтер, 2-2, во првиот меч од плејофот за пласман во осминафиналето. Фалкао ги постигна 30-те гола играјќи за Порто и за Атлетико М., а Обамејанг постигнуваше погодоци и за Борусија Д., Арсенал и за Барселона. Најмногу голови во Лига Европа, порано натпреварување со име Куп на Европската фудбалска унија (УЕФА), вклучувајќи ги и квалификациите, постигна Хенрик Ларсон (Феенорд, Селтик, Хелсингборг), 40, а на таа листа потоа се Клас-Јан Хунтелар (Херенвен, Ајакс, Шалке) 34, Обамејанг 33, Алфредо Морелос (ХЈК, Ренџерс) 32, Ариц Адуриз (Атлетик) и Фалкао по 31…, пишува УЕФА.
Резултати од другите мечеви на плејофот: Феенорд – Рома 1-1, Галатасарај – Спарта П. 3-2, Јанг бојс – Спортинг 1-3, Бенфика – Тулуз 2-1, Милан – Рен 3-0, Ленс – Фрајбург 0-0, Брага – Карабах 2-4. Реваншите се в четврток. Во осминафиналето директно се пласираа Вест Хем, Брајтон, Ренџерс, Аталанта, Ливерпул, Вилјареал, Славија П. и Баер.
Конференциска лига, плејоф: Штурм – Слован 4-1, Сен-Жилоаз – Ајнтрахт 2-2, Олимпијакос – Ференцварош 1-0, Молде – Легија 3-2, Сервет – Лудогорец 0-0, Бетис – Динамо З. 0-1, Ајакс – Бодо/Глимт 2-2, Макаби Х. – Гент 1-0. Реваншите се в четврток. Директно во осминафиналето се пласираа Лил, Макаби ТА, Плзен, Бриж, Астон вила, Фиорентина, ПАОК и Фенербахче. Н.М.


ВАТЕРПОЛО
Хрватска и Италија ќе играат за златниот медал на СП 2024

Машките репрезентации на Хрватска и на Италија ќе играат денеска (15.30 часот), во финалето на Светското првенство (СП) во Доха (Катар), откако победија во полуфиналните средби.
Многу возбудливо беше на дуелот помеѓу Хрватска и пријатното изненадување Франција, која претходно направи подвиг, елиминирајќи го светскиот првак Унгарија. Во овој меч по многу возбудувања славеа Хрватите со 17-16 (3-2, 3-3, 3-1, 2-5), по изведувањето пенали (6-5). Италија, исто така, во возбудлив меч го совлада европскиот првак Шпанија со 8-6 (1-1, 3-1, 1-1, 2-3). Италија ќе игра за петтото злато (претходно беше планетарен шампион во 1978, 1994, 2011 и во 2019 година), а Хрватска досега двапати беше светски првак (2007 и 2017 година). На Европското првенство во јануари годинава, Хрватска го освои сребрениот, а Италија бронзениот медал.
Вчера се играа и полуфиналните натпревари на СП за ватерполистки. Прв финалист стана Шпанија, која ја совлада Грција со 10-9, со гол во последните секунди, а во второто финале, вчера попладне требаше да играат САД и Унгарија. Г.И.