Шаховската федерација на Македонија, како и изминатите две години, кога и доби финансиска помош, така и оваа повторно ќе аплицира до ФИДЕ за пакет финансиска поддршка на традиционалниот меѓународен турнир „Опен Скопје“, како настан со своја традиција и кредибилитет, вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски
ШАХ
Проектот за поддршка на Отворените турнири на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) имаше извонреден успех во првите три години. Воведена за време на пандемијата, иницијативата наиде на широкораспространета благодарност на организаторите од целиот светот. Тој проект одигра клучна улога во помагањето на многу турнири да преживеат и ги поддржа шаховските професионалци да играат на турнири низ тие тешки години.
– Веќе добивме десетици апликации од организаторите за 2024 година. Возбудени сме што можеме да го објавиме изданието за 2024 година на проектот „Пакет за отворена помош“, кој се одржува во годината кога ФИДЕ слави сто години од своето постоење – пишува ФИДЕ на својата интернет-страница.
Апликацијата за пакетот финансиска помош треба да се испрати до 15 февруари 2024 година, a списокот на избраните турнири, ќе биде објавен до 20 февруари годинава. Пакетот за финансиска помош не може да надмине 20 отсто од наградниот фонд и 10 отсто од вкупниот буџет наведен во формуларот за апликацијата. Најмалку 10 отсто ќе бидат наменети за женски награди и најмалку пет отсто од вкупниот награден фонд за награди на ветераните. Доколку дадените информации не се совпаѓаат со реалните податоци, планираниот пакет помош може да се намали или целосно да се откаже. Организаторот треба да наведе како точно ќе го користи пакетот за финансиска помош (награден фонд, покани за играчи со титули и друго).
– Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), како и изминатите две години, кога и доби финансиска помош, така и оваа повторно ќе аплицира до ФИДЕ за пакет финансиска поддршка на традиционалниот меѓународен турнир „Опен Скопје“, како турнир со своја традиција и кредибилитет. Друг турнир со ваков квалитет и немаме кај нас. По турнирот, се поднесува извештај до ФИДЕ, за да може да се одреди висината на финансиската помош – вели членот на УО на ШФМ, Зоран Стојчевски.
Според ФИДЕ, критериуми при изборот се: турнирите со класична временска контрола, историјата на турнирот, неговиот квалитет, географската локација, износот на наградниот фонд и неговата распределба, ферплејот, пишува ФИДЕ. Г.И.